ВОЈНА ЗА МОЌ ВО БРИСЕЛ Две најмоќни жени на ЕУ се судрија, кој навистина ја води Европа
Скриениот конфликт меѓу Урсула фон дер Лајен и Каја Калас ја отвора најголемата дилема во Брисел – кој има последен збор за европската надворешна политика?

Сè почесто европските претставници и меѓународните партнери го поставуваат истото прашање: кој всушност ја претставува Европската унија во надворешната политика – Урсула фон дер Лајен или Каја Калас? Додека во Брисел со месеци се зборува за тензии меѓу двете највлијателни жени во европската администрација, несогласувањата меѓу претседателката на Европската комисија и високиот претставник за надворешна политика и безбедност веќе не се само гласини зад затворени врати.
Каја Калас во последниот период се соочи со критики од различни страни. Дел од европските кругови сметаат дека нејзиниот настап е премногу директен и недоволно дипломатски, други ја обвинуваат дека е премногу остра во ставовите кон Израел, додека трети оценуваат дека понекогаш настапува со поголема политичка слобода отколку што ѝ дозволува функцијата.
Според европски медиуми, односите меѓу Калас и фон дер Лајен се далеку од идеални. Наводите за несогласувања, меѓусебно дистанцирање и борба за влијание стануваат сè почести. Калас, според дипломатски извори, смета дека фон дер Лајен ја води Европската комисија премногу централизирано и претседателски, додека од друга страна постои впечаток дека претседателката на Комисијата сака да има главна улога и во надворешната политика.
Двете политичарки имаат многу сличности – амбициозни се, дисциплинирани и имаат силен политички карактер. Но, нивните патишта до врвот се различни. Калас доаѓа со искуство како премиерка на Естонија, додека фон дер Лајен пред да застане на чело на Европската комисија имаше долгогодишно министерско искуство во германската влада. Токму различното политичко наследство и амбициите за лидерска позиција често се наведуваат како причина за нивното соперништво.
Сепак, суштинскиот проблем не е само личниот однос меѓу двете функционерки, туку прашањето кој има последен збор за европската надворешна политика.
Формално, високата претставничка на ЕУ е задолжена за европската дипломатија, но претседателката на Комисијата ја контролира целокупната работа на институцијата и има значајна меѓународна улога. Нејзините посети, средби со светски лидери и јавни изјави често навлегуваат во сферата што ѝ припаѓа на Калас, создавајќи преклопување на надлежностите.
Од друга страна, позицијата на Калас е ограничена од самиот систем на одлучување во ЕУ. За најважните надворешнополитички прашања потребен е консензус меѓу земјите-членки, што значи дека нејзиниот простор за самостојно дејствување е ограничен. Нејзините критичари сметаат дека понекогаш изнесува лични ставови кои не секогаш се совпаѓаат со заедничката европска позиција.
Како политичарка од Естонија, Калас често се доживува како една од најгласните поддржувачи на Украина, што кај дел од членките предизвикува загриженост дека таквиот пристап може да ги продлабочи разликите во рамките на Унијата.
Дополнителен притисок врз неа создадоа и наводите дека на затворен состанок го споредила однесувањето на израелската влада кон палестинските територии со поранешниот систем на апартхејд во Јужна Африка. Израел реагираше остро, ги прекина контактите со високата претставничка, а министерот за надворешни работи Гидеон Сар побара повлекување на ваквите квалификации.
Калас не потврди ниту демантираше дека ја употребила спорната споредба, но порача дека треба да се гледаат нејзините официјални изјави и позициите што ги застапува во име на Европската унија. Реакциите стигнаа и од највисоки европски политички кругови. Германскиот канцелар Фридрих Мерц јавно се дистанцираше од таквата формулација, оценувајќи дека за тоа треба сериозно да се разговара. Претседателот на Комитетот за надворешни работи на германскиот Бундестаг, Армин Лашет, дури побара и нејзина оставка.
Случајот дополнително ја отвори дилемата дали европската дипломатија може да биде ефективна ако нема јасна линија на одлучување и ако клучните земји-членки не се согласуваат со настапите на својот главен дипломат. За партнерите на ЕУ ширум светот, сликата станува сè покомплицирана. Во Вашингтон, Москва и Пекинг се поставува прашањето кон кого треба да се упати првиот повик кога станува збор за големи меѓународни прашања – кон Каја Калас или кон Урсула фон дер Лајен.
Во игра се и други центри на влијание – претседателот на Европскиот совет Антонио Коста, еврокомесарот Марош Шефчовиќ, како и лидерите на најмоќните членки, меѓу кои Германија и Франција. Резултатот е впечаток дека Европската унија често зборува со повеќе гласови наместо со една јасна надворешнополитичка порака. А токму тоа, според критичарите, ја намалува нејзината тежина на светската сцена.


