ИРСКА ЈА ИСПРАТИ ПОРАКАТА ШТО СКОПЈЕ ЈА ЧЕКАШЕ Македонија може да смета на поддршка за ЕУ
Даблин најави дека проширувањето на Унијата ќе биде еден од приоритетите во втората половина на 2026 година, а Скопје доби уверување за поддршка на европскиот пат.

Конкурентноста, европските вредности и безбедноста ќе бидат главните столбови на ирското претседателство со Советот на Европската Унија во втората половина од 2026 година, а проширувањето ќе остане меѓу клучните приоритети на Даблин. Ова го порача амбасадорот на Ирска за Македонија, со седиште во Букурешт, Брендан Вард, кој во Собранието ја претстави програмата на идното ирско претседателство.
Вард нагласи дека Ирска ќе дејствува во согласност со стратешката агенда на ЕУ за периодот 2024-2029 година, при што фокусот ќе биде ставен на јакнење на европската конкурентност, заштита на заедничките вредности и унапредување на безбедноста.
„Имаме амбициозен план со три теми кои ќе го обликуваат претседателството: конкурентноста, вредностите и безбедноста. Тие ги одразуваат столбовите на стратешката агенда договорена од Европскиот совет“, изјави ирскиот амбасадор.
Тој посочи дека проширувањето на Унијата ќе биде важен дел од ирската агенда, со посебен фокус на напредокот на земјите кандидати.
„Проширувањето на Унијата е значаен приоритет за Ирска. Ќе работиме кон завршување на пристапните преговори со Црна Гора и ќе настојуваме да постигнеме суштински напредок во преговорите со Албанија, Украина и Молдавија“, рече Вард.
Во однос на Македонија, тој порача дека Даблин останува подготвен да помогне во евроинтегративниот процес.
„Ќе работиме заедно со партнерите во Унијата и со властите во Скопје за да видиме каков напредок може да се постигне“, истакна амбасадорот.
Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков нагласи дека Владата останува посветена на спроведување на реформите и очекува напредокот да биде соодветно оценет од европските партнери. Потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, ја истакна потребата од побрза интеграција на регионот во европскиот пазар, потсетувајќи на долгогодишната поврзаност меѓу ирската поддршка и македонските евроинтеграции.
„Историските фрустрации и настаните што се случиле пред 100 или 150 години не треба да бидат детерминанта за она што треба да се случува утре во нашата заедничка европска иднина“, порача Милошоски.
Од Националниот совет за евроинтеграции, Драган Секуловски предупреди дека програмите за поддршка на медиумските слободи и владеењето на правото мора да продолжат, бидејќи се важни за демократскиот развој на земјата. Пратеникот од Алијансата за Албанците, Халил Снопче, оцени дека клучот за напредок кон ЕУ останува во домашните реформи.
„Ниедно претседателство со Европската Унија не може да го надомести недостигот од реформи. Не може да ги замени политичката волја, одговорноста и вистинската посветеност на европските вредности“, рече Снопче.
Лидерката на ЛДП, Моника Зајкова, повика на надпартиски договор за европската агенда, оценувајќи дека политичките поделби ја забавуваат интеграцијата.
„Крајно време е да престанеме да управуваме со европската агенда како со политички конфликт и да почнеме да ја третираме како заедничка национална цел“, порача Зајкова.


