СКАНДАЛ СО МИЛИОНИ Во Струмица пронајдени 597.500 евра во кеш, уште 500.000 на сметка

Две физички лица и едно правно лице пријавени за даночно затајување и перење пари – истрагата утврдила огромен несразмер меѓу приходите и расходите.

СКАНДАЛ СО МИЛИОНИ Во Струмица пронајдени 597.500 евра во кеш, уште 500.000 на сметка
Фото: Принтскрин

Полицијата, во координација со надлежните државни институции, одзела околу 1,1 милиони евра од две физички лица и едно правно лице од Струмица, поради сомнение дека средствата немаат соодветно законско покритие.

Од вкупната сума, 597.500 евра биле пронајдени во готовина, додека дополнителни околу 500.000 евра биле евидентирани на трансакциска сметка на едно од физичките лица.

Информацијата беше соопштена на денешната заедничка прес-конференција на директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, претставници на СВР Струмица, Управата за јавни приходи, Финансиската полиција и Јавното обвинителство.

Според Јанев, при претресите биле пронајдени речиси 600.000 евра во готовина, за кои лицата не поседувале соодветна документација. По обезбедена дополнителна наредба од судот и Јавното обвинителство, парите биле одземени.

Понатамошната финансиска истрага покажала дека во 2018 година на банкарска сметка на едно физичко лице биле уплатени дополнителни 500.000 евра.

„Утврдивме огромен несразмер меѓу приходите и расходите, како и произлезената заштеда. Лицата немаа легално покритие за тие пари“, изјави Јанев.

Во рамки на истрагата биле извршени претреси на повеќе локации поврзани со пријавените лица и правното лице.

Против две физички лица и едно правно лице од Струмица е поднесена кривична пријава поради сомнение за даночно затајување и перење пари.

Одземените средства се предмет на понатамошна финансиска истрага, во која треба да се утврди нивното потекло, начинот на кој биле стекнати и евентуалната поврзаност со кривичните дела за кои се води постапката.

Надлежните институции ги анализираат и финансиските текови, банкарските трансакции и документацијата поврзана со пријавените лица и фирмата.

CATEGORIES
TAGS
Share This