ПОРАДИ ВЛОШЕНА ЗДРАВСТВЕНА СОСТОЈБА Стевчо Јакимовки повторно пренесен во болница
Само нешто повеќе од една недела по враќањето во затворот „Скопје“, Јакимовски повторно бил хоспитализиран по влошување на здравствената состојба, а лекарите извршиле итен оперативен зафат.

Стевчо Јакимовски вечерва повторно е пренесен во болница од затворот „Скопје“, откако дошло до влошување на неговата здравствена состојба. Според информациите, лекарите процениле дека е потребна итна медицинска интервенција, по што тој бил подложен на оперативен зафат.
Јакимовски претходно поминал околу три недели на болничко лекување, по што пред нешто повеќе од една недела бил вратен во затворската установа.
Неговото повторно хоспитализирање следува по краток период поминат во затвор, а засега нема официјални информации за неговата здравствена состојба по операцијата, ниту детали за причините поради кои била потребна итната интервенција.
Јакимовски во јавноста претходно говореше за сериозни здравствени проблеми, при што соопшти дека се лекува од карцином на белите дробови и мочниот меур и дека прима онколошка терапија.
Повеќе информации за неговата состојба и текот на понатамошното лекување се очекуваат по официјалните информации од здравствената установа или надлежните институции.

