ВЛЕН ПРЕЗЕМА НОВИ РЕСОРИ – ВМРО-ДПМНЕ ги зајакнува позициите во клучни министерства

Владината коалиција пред договор за нова распределба на министерствата, се очекуваат сериозни кадровски промени.

ВЛЕН ПРЕЗЕМА НОВИ РЕСОРИ – ВМРО-ДПМНЕ ги зајакнува позициите во клучни министерства
Фото: Национал

Владината коалиција е пред голема реконструкција, а според информациите од владејачките кругови, се разгледува ротација на ресори меѓу коалициските партнери и промена на составот во најмалку седум до осум министерства. Очекувањата се дека процесот треба да биде завршен до почетокот на следниот месец.

Според извори запознаени со преговорите, меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН постои начелен договор според кој ВЛЕН би ги отстапиле ресорите Здравство и Социјална политика, демографија и млади, додека за возврат би ги добила ресорите Култура, Политички систем и односи меѓу заедниците и Спорт.

Во рамки на најавените промени, од министерските позиции се очекува да заминат Зоран Љутков, Борко Ристовски, Иван Стоиљковиќ и Фатмир Лимани и Игор Филков, при што ресорот правда би можел да премине под контрола на ВМРО-ДПМНЕ. Како дел од можните договори, на ЗНАМ би му било понудено Министерството за земјоделство. Доколку се реализира ова сценарио, од функцијата би си заминал и актуелниот министер Цветан Трипуновски.

Со промените, ВМРО-ДПМНЕ би ги зајакнало позициите во извршната власт преку преземање на неколку клучни ресори, меѓу кои Здравство, Социјална политика и потенцијално Правда, додека би отстапило други ресори како Култура, Спорт, Земјоделство и Односи меѓу заедниците. За денеска е предвидена средба меѓу раководствата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, на која се очекува да учествуваат лидерите Христијан Мицкоски и Максим Димитриевски, како и претставници од двете партии.

Доколку биде постигнат конечен договор, тој ќе треба да помине низ партиските органи на коалициските партнери. Во почетокот на следната недела се очекува официјално доставување на предлогот до Собранието, заедно со имињата на новите министри.

CATEGORIES
Share This