МИЦКОСКИ НАЈАВИ ФИНАЛЕ, ОПОЗИЦИЈАТА МОЛЧИ Што ќе се случи со Изборниот законик?

Последниот закон од реформската агенда се усогласува, а најголемите дилеми остануваат околу гласањето на дијаспората, финансирањето на кампањите и изборниот модел.

МИЦКОСКИ НАЈАВИ ФИНАЛЕ, ОПОЗИЦИЈАТА МОЛЧИ Што ќе се случи со Изборниот законик?
Фото: Принтскрин

Сите законски решенија што се дел од реформската агенда веќе се доставени во Собранието, а останува уште Изборниот законик за кој се очекува наскоро да биде постигнато конечно решение, информираше премиерот Христијан Мицкоски додавајќи дека Владата ги завршила своите обврски во однос на реформските закони и дека се очекува усогласување на последниот дел – изборното законодавство.

„Сите законски решенија коишто се дел од Реформската агенда се или во парламентот како резултат на тоа што ние како Влада ги доставивме, или е како група на пратеници амандмански интервенирано. Останува уште Изборниот законик. Информиран сум дека се ближиме до конечно решение“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека за 26 јуни е закажана собраниска седница и дека има простор за дополнително усогласување пред истекот на рокот на 30 јуни.

„Очекуваме повторно да ја потврдиме позицијата дека сме први, како што тоа беше во декември, но да почекаме да видиме каков ќе биде извештајот од страна на Европската комисија“, додаде премиерот.

Што се менува во Изборниот законик?

Според информации од работната група при Министерството за правда, меѓу клучните прашања за кои се преговара се воведување електронско гласање за дијаспората на претседателски и парламентарни избори, со повеќеслојни механизми за заштита.

Сè уште останува отворено прашањето дали ќе продолжи моделот со седма изборна единица за дијаспората или гласовите ќе се распределуваат во постојните изборни единици.

На маса се и измени поврзани со:

  • намалување на бројот на потписи потребни за независни пратенички листи;
  • дополнителни правила за прегласување на избирачки места;
  • зајакнување на надлежностите на Државната изборна комисија;
  • регулирање на финансирањето на платеното политичко рекламирање.

„Електронско гласање на дијаспората за претседателски и парламентарни избори, 1.000 потписи за независни листи, како и повеќе механизми во однос на тоа во кои случаи ќе се прегласува на одредено избирачко место се дел од прашањата што треба да се усогласат на следниот состанок“, велат извори од работната група.

Спор околу парите за политичко рекламирање

Дополнителна точка на несогласување останува распределбата на средствата за платено политичко рекламирање.

Според информациите од работната група, ВМРО-ДПМНЕ предложила пропорционален модел, односно средствата да бидат поврзани со бројот на освоени пратенички места. Опозицијата, предводена од ДУИ, не го прифатила овој предлог.

Во игра се неколку модели, меѓу кои распределба од 43 проценти за двете најголеми партии – една од власта и една од опозицијата, 6 или 7 проценти за партии со пратенички групи и по 4 проценти за партии без пратенички групи и вонпарламентарни партии.

Конечното решение, според најавите, треба да биде познато по состанокот во четврток.

Една изборна единица останува отворено прашање

Иако беше едно од најавуваните прашања, промената на изборниот модел и воведувањето една изборна единица засега не е дел од договорот.

Сите претставници во работната група доставиле свои предлози за бројот на изборни единици и изборниот праг, но за ова прашање не е постигнато усогласување.

Од Министерството за правда велат дека целта на измените е усогласување на изборното законодавство со меѓународните стандарди, подобрување на транспарентноста и имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Неизвесна поддршката од СДСМ

Останува неизвесно дали измените на Изборниот законик ќе поминат без блокади во Собранието.

Законот е меѓу оние за кои постои можност за филибастеринг, а откако СДСМ ја напушти работната група, партијата најави можност за блокирање на процесот.

Сепак, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, засега нема донесено конечна одлука дали опозицијата ќе се обиде да го блокира донесувањето на измените или ќе го игнорира процесот.

CATEGORIES
TAGS
Share This