ВЛАДАТА ПРЕСЕЧЕ Милијарди повеќе во Буџетот, еве каде ќе завршат парите

Приходите се зголемуваат за 4,2 милијарди денари, а капиталните инвестиции достигнуваат рекордни 46 милијарди денари.

ВЛАДАТА ПРЕСЕЧЕ Милијарди повеќе во Буџетот, еве каде ќе завршат парите
Фото: Национал

Владата денеска го усвои ребалансот на Буџетот за 2026 година, со кој се предвидува продолжување на економскиот раст, забрзување на инфраструктурниот развој и реализација на проекти од стратешко значење за државата. Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска оцени дека ребалансот воспоставува рамнотежа меѓу фискалната одговорност и потребата од забрзан развој преку зголемени капитални инвестиции.

Според новите проекции, вкупните буџетски приходи се ревидираат на 379,2 милијарди денари, што е за околу 4,2 милијарди денари или 1,1 отсто повеќе во однос на првично усвоениот Буџет. Даночните приходи остануваат речиси непроменети и се планирани на 213,2 милијарди денари, додека намалувањето од околу 900 милиони денари произлегува главно од корекции кај акцизите и ДДВ.

Димитриеска Кочоска објасни дека приходите од акцизи се намалуваат поради владините мерки за намалување на акцизите на нафтените деривати, со цел ублажување на ефектите од растот на цените на горивата врз граѓаните и компаниите.

Истовремено, неданочните приходи се зголемуваат за околу две милијарди денари благодарение на подобрата наплата на административни такси, концесии и сопствени приходи на буџетските корисници. Донациите растат за дополнителни 2,7 милијарди денари, најмногу поради реализација на проекти финансирани преку фондовите на Европската Унија.

На расходната страна, буџетските расходи се проектирани на 425,2 милијарди денари. Дел од средствата се пренаменуваат кон приоритетни области, меѓу кои се земјоделските субвенции, железничкиот сообраќај, спортот, студентскиот и ученичкиот стандард, како и програмите за социјална заштита и поддршка на ранливите категории граѓани.

Капиталните инвестиции достигнуваат околу 46 милијарди денари, што претставува раст од 5,8 милијарди денари или 14,5 проценти во споредба со иницијалниот Буџет. Буџетскиот дефицит е ревидиран на 46,1 милијарди денари, односно 4,1 проценти од БДП.

„За првпат зголемувањето на дефицитот е резултат пред сè на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата. Не станува збор за дефицит кој финансира тековна потрошувачка, туку за дефицит кој финансира развој“, истакна министерката.

Средствата ќе бидат насочени кон изградба и модернизација на патната и железничката инфраструктура, вклучително и Коридорите 8 и 10-д, автопатот Скопје–Блаце, железничката делница Бељаковце–Крива Паланка и проектот за заеднички железнички премин во Табановце.

Ребалансот предвидува и инвестиции во водоводни и канализациски системи, пречистителни станици, управување со отпад, енергетска ефикасност, образовна инфраструктура, детски градинки, студентски домови, земјоделски проекти и реконструкција на казнено-поправните установи, вклучително и нови капацитети во КПД Идризово.

Буџетскиот дефицит и обврските за отплата на долг во вкупен износ од 76,4 милијарди денари ќе се покриваат преку комбинација на домашно и странско задолжување, преку државни хартии од вредност, заеми од меѓународни финансиски институции и задолжување на меѓународниот пазар на капитал. Над 54 милијарди денари се наменети за сервисирање на обврските кон странските кредитори, а околу 20 милијарди денари за отплата на домашниот долг.

CATEGORIES
Share This