ЗНМ АЛАРМИРА Закани со физичко насилство кон новинарката Милка Смилевска, случајот пријавен во МВР

Од профилот „Вистината боли“ била објавена фотомонтажа од новинарката, по што следувале навреди и експлицитни повици за физичко насилство.

ЗНМ АЛАРМИРА Закани со физичко насилство кон новинарката Милка Смилевска,  случајот пријавен во МВР
Фото: Принтскрин

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро ги осуди навредите, омаловажувањата и директните повици за физичко насилство упатени кон новинарката Милка Смилевска преку социјалната мрежа Фејсбук. Од Здружението бараат итна реакција од надлежните институции, идентификување на лицата што стојат зад заканите и преземање мерки за нејзина заштита.

Според информациите објавени од ЗНМ, на Фејсбук-профилот со назив „Вистината боли“ била објавена фотомонтажа од новинарката Смилевска, по што во коментарите се појавиле навредливи содржини, омаловажувања и експлицитни повици за физичко насилство врз неа.

Случајот веќе е пријавен во Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи.

Од ЗНМ предупредуваат дека станува збор за сериозни закани кои не можат да се третираат како обична непримерна комуникација на социјалните мрежи, бидејќи директно ја загрозуваат личната безбедност на новинарката и претставуваат обид за заплашување и замолчување на медиумските работници.

„Ниту едно несогласување со новинарски став, извештај или професионален ангажман не може да биде оправдување за повикување на насилство“, порачуваат од Здружението.

Од Здружението нагласуваат дека секој граѓанин има право да ја критикува работата на новинарите, но дека тоа право не смее да се користи како оправдување за закани и повикување на физичка пресметка.

Поради сериозноста на случајот, ЗНМ бара МВР, преку надлежните служби за компјутерски криминал, без одлагање да ги испита спорните објави и коментари, да ги идентификува лицата што упатувале закани и да преземе соодветни законски мерки.

Истовремено, институциите треба да ја проценат безбедносната состојба и да обезбедат соодветна заштита за новинарката Милка Смилевска.

„Институциите не смеат да ги третираат ваквите закани како обични коментари на социјалните мрежи, особено кога станува збор за експлицитни повици за физичко насилство“, се наведува во соопштението.

Од ЗНМ оценуваат дека брзата и соодветна институционална реакција е неопходна не само за заштита на Смилевска, туку и за испраќање јасна порака дека заканите и заплашувањето на новинарите нема да бидат толерирани.

Случајот повторно го актуелизира прашањето за безбедноста на новинарите во Македонија и злоупотребата на социјалните мрежи за ширење закани, лични напади и содржини со кои се поттикнува насилство.

CATEGORIES
Share This