БИТКА ЗА МИЛИОНСКИОТ БИЗНИС Кој ќе ги контролира интернет игрите на среќа?
Директорот на Државна лотарија Александар Климовски тврди дека уставно-судската практика ја оправдува одлучувачката улога на државата во организирањето на интернет игрите на среќа и ги отфрла критиките од приватните оператори.

Директорот на Државна лотарија, проф. д-р Александар Климовски, на јавната дебата за Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри истакна дека државата треба да ја задржи улогата на единствен приредувач на интернет игрите на среќа, повикувајќи се на постојната уставно-судска практика.
Според него, Решението У. бр. 156/2019 на Уставниот суд од 6 мај 2020 година јасно ја потврдува уставната оправданост државата да задржи посебни права и надлежности во оваа област. Судот тогаш оцени дека таквото законско решение е во согласност со Уставот и не ги нарушува принципите на слободен пазар и претприемништво.
Во образложението се наведува дека игрите на среќа претставуваат специфична дејност со значителен социјален аспект, која бара засилена контрола, надзор и заштита на јавниот интерес. Поради тоа, државата има право да воспостави посебен режим за нивно организирање и регулирање.
Од Државна лотарија посочуваат дека ставовите на Климовски се темелат токму на оваа судска пракса и на важечката законска рамка, а не на лични или политички интерпретации. Според нив, законодавецот има дискреционо право да одлучува за условите и обемот на организирање на интернет игрите на среќа, водејќи сметка за јавниот интерес и спречувањето злоупотреби.
Во соопштението се наведува дека обидите постапувањето на генералниот директор на Државна лотарија да се претстави како незаконско се спротивни на веќе утврдените правни ставови на Уставниот суд.
Од Државна лотарија дополнително прашуваат дали критиките од АПИС и АСОМ, кои ги застапуваат интересите на приватните приредувачи на игри на среќа, произлегуваат од непознавање на законската и уставно-судската практика или од свесно игнорирање на донесените одлуки.


