ВИСТИНАТА ЗА СУДСКИОТ СОВЕТ – Што откри годишниот извештај за 2025?
Зголемена транспарентност и засилена контрола врз работата на судиите во текот на 2025 година.

Судскиот совет на Македонија на одржаната 541. седница го усвои годишниот извештај за својата работа за 2025 година, во кој се нагласуваат зголемена транспарентност, кадровски промени и постапување по претставки и дисциплински постапки.
Во извештајот се наведува дека во 2025 година Советот одржал 24 седници и започнал со користење нов електронски систем за тонско снимање, електронско гласање и директен пренос во живо, со што е унапредена јавноста и транспарентноста во неговото работење.
Во текот на годината се избрани 68 нови судии од осмата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители, кои се распределени во основните судови. Дополнително, унапредени се 17 судии од кои 10 во Апелацискиот суд Скопје, четворица во Апелацискиот суд Битола и тројца во Врховниот суд. Исто така, избрани се и 10 нови претседатели на судови.
Во делот на одговорноста, до Судскиот совет биле поднесени 90 барања за утврдување одговорност, кои опфатиле 161 судија. Од нив, 64 барања биле оценети како ненавремени или неосновани, за 15 постапки е донесена одлука за запирање, додека 11 постапки остануваат во тек.
