(ВИДЕО) ТРАМП СРЕДЕ ИНТЕРВЈУ СТАНА И СИ ЗАМИНА Доста ми е

Водителката Кристен Велкер повеќепати побара докази за тврдењата за изборни нерегуларности, по што американскиот претседател го прекина разговорот.

(ВИДЕО) ТРАМП СРЕДЕ ИНТЕРВЈУ СТАНА И СИ ЗАМИНА Доста ми е
Фото: Принтскрин

Американскиот претседател Доналд Трамп го прекина интервјуто за NBC откако водителката Кристен Велкер повеќепати побара од него да приложи докази за неговите тврдења дека прелиминарните избори во Калифорнија и претседателските избори во 2020 година биле „наместени“.

Во текот на разговорот, Трамп повторно изнесе обвинувања за нерегуларности на изборите, тврдејќи дека и актуелните прелиминарни избори во Калифорнија и изборите од 2020 година биле наместени. На барањето на Велкер да ги поткрепи своите тврдења со конкретни докази, тој одговорил дека „доволно е само да се погледне“, пренесува BBC.

Водителката возвратила дека тоа не претставува доказ, по што Трамп ја обвинил медиумската сцена за неискреност, оценувајќи дека земјата никогаш нема да биде голема ако печатот не известува објективно.

Кога Велкер се обидела да го продолжи интервјуто, Трамп им сигнализирал на своите соработници дека сака да ја прекине снимката.

„Извинете, ајде да завршиме со ова. Доста ми е. Ви благодарам, драга, убаво поминете“, ѝ рекол Трамп на водителката пред да стане и да го напушти интервјуто.

По емитувањето на снимката, Велкер соопшти дека разговарала со претседателот и дека тој се согласил повторно да гостува во нејзината емисија.

Подоцна, за време на тркалезна маса со земјоделци, Трамп го коментирал инцидентот, признавајќи дека дошло до расправија. Тој изјавил дека бил малку изнервиран поради дождот и околностите околу снимањето, но додал дека на крајот „сепак се забавувале“.

Интервјуто било снимено во штала во сојузната држава Висконсин, каде што Трамп присуствувал на настан со земјоделци. Снимањето било неколкупати одложувано поради технички проблеми.

Во меѓувреме, во Калифорнија продолжува пребројувањето на гласовите од прелиминарните избори, со цел да се утврдат кандидатите кои ќе се пласираат на гласачките ливчиња за изборите во ноември. Процесот традиционално трае подолго поради големиот број гласачки ливчиња испратени по пошта и сложените процедури за нивна обработка.

CATEGORIES
TAGS
Share This