(ВИДЕО) ПЛАТИЛЕ БИЛЕТИ, НО ОСТАНАЛЕ ПРЕД ВРАТА – Демократската партија Ромите бара истрага за дискриминација на Роми во Неготино

Демократската партија на Ромите бара итна проверка на случајот во кој граѓани од Радовиш тврдат дека, и покрај платените билети, не им било дозволено да влезат во базенот во Неготино.

(ВИДЕО) ПЛАТИЛЕ БИЛЕТИ, НО ОСТАНАЛЕ ПРЕД ВРАТА – Демократската партија Ромите бара истрага за дискриминација на Роми во Неготино
Фото: Принтскрин

Демократската партија на Ромите со голема загриженост го следи случајот во кој граѓани Роми од Радовиш тврдат дека биле спречени да влезат во градскиот базен во Неготино, иако уредно ги платиле билетите.

Доколку овие наводи се потврдат, станува збор за сериозен чин на дискриминација и повреда на основните човекови права и достоинството на граѓаните. Никој не смее да биде исклучен или понижен поради својата етничка припадност.

Овој случај е особено загрижувачки во период кога Владата на Македонија презема конкретни мерки за унапредување на рамноправноста меѓу сите етнички заедници, за создавање еднакви можности и за подобрување на условите за живот на ромската заедница.

Во изминатиот период владата издвојува значајни средства и се реализираат програми насочени кон подобрување на положбата на Ромите во областите на образованието, вработувањето, домувањето и социјалното вклучување. Токму затоа, секој поединечен случај на нееднаков третман е чекор назад во заедничката заложба за општество во кое сите граѓани се еднакви пред институциите и законите.

Демократската партија на Ромите бара од надлежните институции, раководството на приватниот базен и локалната самоуправа во Неготино итно да го испитаат случајот и јавно да одговорат што точно се случило.

Очекуваме институциите да постапат професионално, непристрасно и во согласност со законите. Доколку се утврди дека имало дискриминаторско постапување, мора да има соодветна одговорност. Ромите се рамноправен дел од македонското општество. Ниту еден граѓанин не смее да биде спречен да ги користи јавните услуги и простори само поради својата етничка припадност.

Демократската партија на Ромите како водечка партија на Ромите и претседателот Миљазим Сакипов остануваат посветени на борбата против сите форми на дискриминација и ќе продолжат активно да се залагаат за почитување на правата, достоинството и еднаквоста на сите граѓани на Република Македонија.

CATEGORIES
Share This