ОНАМУ КАДЕ ШТО НАЈМАЛКУ СЕ ОЧЕКУВАШЕ – ДУИ прифаќа една изборна единица и гласање на дијаспората
Бујар Османи тврди дека ДУИ била подготвена за компромис, но договорот меѓу партиите повторно изостанал.

Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, изјави дека неговата партија била подготвена за компромис околу измените на Изборниот законик и воведувањето една изборна единица, но дека политичките партии не успеале да постигнат заеднички договор.
Во телевизиско гостување, Османи посочи дека ДУИ учествувала конструктивно во разговорите и прифатила дел од предлозите што биле на маса, со цел да се постигне поширок консензус, особено во насока на европските стандарди и препораките на ОБСЕ.
„Нашиот став беше јасен и прифаќаме една изборна единица, но со изборен праг од 5 проценти и со отворени листи“, рече Османи.
Тој објасни дека воведувањето изборен праг од најмалку 5 проценти освоени гласови е важно за да се избегне, како што рече, можноста за „купување на пратеници“ по изборите.
Османи додаде дека ДУИ го поддржува и гласањето на дијаспората, бидејќи, според него, Македонците и Албанците кои живеат надвор од државата треба да имаат поактивна врска со матичната земја. Воедно ја критикуваше актуелната влада, обвинувајќи ја дека со своите политики работи спротивно на интересите на дијаспората.


