ВАРДАР СЕ „РУГА“ САМ СЕБЕ Пораз за роденден, празни трибини и нов срам на социјалните мрежи

Црвено-црните доживеаја нов европски неуспех, а ден по поразот од Рига следеше и неверојатен гаф на официјалните профили на клубот.

ВАРДАР СЕ „РУГА“ САМ СЕБЕ Пораз за роденден, празни трибини и нов срам на социјалните мрежи
Фото: Принтскрин

Вардар вчера го прослави 79-тиот роденден, но наместо повод за славење, денот донесе ново разочарување за најтрофејниот македонски фудбалски клуб. Црвено-црните имаа идеална можност роденденот да го одбележат со европски натпревар пред своите навивачи, но вечерта на крајот заврши без посакуваната прослава. Македонскиот шампион загуби од Рига со 2:3, што е втор европски пораз на домашен терен летово.

Претходно, Вардар во квалификациите за Лигата на шампионите загуби од КуПС со 0:2. Останува жал што Вардар не успеа да го елиминира финскиот тим, откако пред две недели на гостински терен славеше со 3:2 по продолженијата, но тој резултат не беше доволен за пласман во следната фаза.

Дополнителен пораз за клубот беше и празниот стадион. На роденденски европски натпревар, Вардар пред едвај 2.000 гледачи не успеа да создаде атмосфера каква што заслужува клуб со неговата традиција и историја. По разочарувањето на трибините и поразот на теренот, денеска следеше уште еден неславен момент, овојпат на официјалните социјални мрежи на клубот.

Имено, во објава по натпреварот беше наведено дека Вардар се вратил на тренинг по мечот со „Руга“, наместо со Рига. Станува збор за очигледна грешка, но тешко е да се најде оправдување за ваков пропуст на официјалните канали на најтрофејниот македонски клуб. Социјалните мрежи денес се еден од главните начини преку кои клубовите комуницираат со своите навивачи и јавноста. Токму затоа, ваквите грешки оставаат лош впечаток и дополнително го нарушуваат имиџот на клубот.

Вардар моментално има доволно проблеми со резултатите на европската сцена. Последно што му е потребно е самиот да си создава дополнителни причини за критики. Наместо прослава за 79-тиот роденден, Вардар доби ново разочарување и на трибините, на теренот, а ден подоцна и на социјалните мрежи. Ако клубот сака повторно да го врати стариот сјај, тогаш сериозен пристап мора да има на секое поле, вклучително и во комуникацијата со своите навивачи.

CATEGORIES
Share This