ИТНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА КРУШЕВО Водата од чешма е бактериолошки неисправна
На граѓаните им се препорачува да користат исклучиво пакувана вода за пиење, а водата од водоводот може да се употребува само по превривање најмалку 10 минути.

Центарот за јавно здравје Прилеп информира дека водата од градскиот водовод во Крушево е бактериолошки неисправна и не се препорачува за пиење. На граѓаните им се советува да користат исклучиво пакувана вода за пиење.
Од ЈП „Комуна“ Крушево соопштија дека водата од водоводната мрежа може да се користи за лична хигиена, подготовка на храна, перење и миење садови, но само доколку претходно се преврива најмалку 10 минути. Од надлежните уверуваат дека водата редовно се хлорира, а секојдневно се врши и контрола на нивото на хлор.
Препораката за користење пакувана вода ќе важи сè додека не бидат добиени три последователни исправни примероци од водата. Од Центарот за јавно здравје Прилеп најавија дека ќе продолжат да ја следат состојбата во координација со надлежните институции и навремено ќе ја информираат јавноста за сите промени.
Бактериолошка неисправност е утврдена и кај водата од крајпатните чешми „Бензинска пумпа“ и „Св. Петка“, од кои примероци биле земени на 20 јули. Од тие чешми водата не смее да се користи за пиење.


