КОСОВСКАТА ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА СОБРАНИЕТО НА СРЕДБИ СО МИЦКОСКИ, ГАШИ И СИЉАНОВСКА Што договорија за односите и патот кон ЕУ?
Аљбуљена Хаџиу ја избра Македонија за своја прва официјална посета надвор од Косово во својство на претседателка на Собранието.

Претседателката на Собранието на Косово, Аљбуљена Хаџиу, престојува во официјална посета на Македонија, при што оствари средби со премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Заедничка тема на разговорите беше унапредувањето на билатералните односи, продлабочувањето на институционалната соработка и зајакнувањето на регионалната поврзаност, со посебен акцент на европската перспектива на Западниот Балкан.
Премиерот Христијан Мицкоски информираше дека на средбата со Хаџиу разговарале за можностите за продлабочување на соработката и зајакнување на пријателските односи меѓу двете земји. Тој оцени дека преку отворен дијалог, меѓусебно почитување и засилена регионална соработка може да се придонесе за поголема стабилност, економски развој и забрзување на европската интеграција на регионот.
Претседателот на Собранието на Македонија, Африм Гаши, на средбата со косовската колешка ја истакна важноста на парламентарниот дијалог и координацијата за регионалните прашања. Хаџиу нагласи дека ова е нејзина прва официјална посета надвор од Косово откако ја презеде функцијата претседателка на Собранието, оценувајќи го тоа како показател за значењето на односите меѓу двете држави. Таа ѝ се заблагодари на Македонија за поддршката за членството на Косово во меѓународните и регионалните организации и иницијативи. Двајцата соговорници разговарале и за европската интеграција, како и за потребата од зачувување на мирот, безбедноста и стабилноста во регионот.
На средбата со Хаџиу, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го оцени позитивно развојот на македонско-косовските односи, кои, според неа, се карактеризираат со редовен политички дијалог, заеднички стратешки цели и усогласени ставови за меѓународните прашања. Таа ја реафирмираше поддршката за евроатлантските аспирации на Косово, нагласувајќи дека државите во пристапниот процес кон Европската Унија треба да бидат праведно оценувани врз основа на Копенхашките критериуми. Сиљановска-Давкова посочи и дека добрососедските односи, регионалната соработка и иницијативите како процесот Брдо-Бриони придонесуваат за поголема доверба и зајакнување на позицијата на Западниот Балкан како кредибилен партнер на ЕУ. Таа ја истакна и важноста на парламентарната соработка, редовните средби меѓу пратениците и размената на добри практики, особено во контекст на евроинтеграциските процеси.
На средбите биле разменети мислења и за актуелните политички состојби, при што била нагласена потребата од помирување, стабилност и посилен заеднички настап на земјите од Западниот Балкан. Посетата на Хаџиу ги потврди заложбите за продлабочување на политичките, парламентарните и економските врски меѓу Македонија и Косово, додека европската интеграција останува една од главните заеднички теми во регионалниот дијалог.

