УАПСЕНА „ГАЗДАРИЦАТА“ НА КАМЕНИТЕ КУКЛИ Полицијата ја товари за напад врз повеќе посетители
Стојна Димитровска Бут е приведена по пријава дека физички нападнала повеќе лица на локалитетот „Куклица“. Ова е уште еден во низата инциденти поврзани со познатата кратовчанка.

Стојна Димитровска Бут (41) од Кратово, која во јавноста е позната како „газдарицата“ на локалитетот „Камени кукли“, е приведена откако, според полицијата, физички нападнала повеќе посетители на археолошкиот локалитет „Куклица“. Од СВР Куманово информираа дека вчера околу 19:30 часот полициски службеници од ОВР Кратово ја лишиле од слобода С.Д. (41), постапувајќи по пријава дека на 2 август, околу 18 часот, физички нападнала повеќе лица кои го посетувале локалитетот.
„По насоки на јавен обвинител, С.Д. е приведена во полициска станица и против неа ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопшти полицијата.
Ова е уште еден во низата инциденти поврзани со Димитровска Бут, која подолг период е во центарот на вниманието поради случувањата околу археолошкиот локалитет „Камени кукли“.
На 11 јули, полицијата интервенирала по пријава дека им го попречувала пристапот на туристите и барала пари за разгледување на локалитетот. Случајот бил пријавен и покрај претходно изречената судска мерка со која ѝ било забрането да престојува и да врши каква било дејност на јавната археолошка знаменитост. Од полицијата тогаш најавија поднесување соодветна пријава по целосното документирање на случајот.
Посетители претходно сведочеле дека од дел од туристите, особено од странските државјани, биле барани суми и до 20 евра за влез, при што им било кажувано дека локалитетот е „приватна сопственост“. Биле упатувани и поплаки за навреди и закани кон посетители.
Случувањата околу локалитетот продолжиле и во јули. На 16 јули бил приведен и нејзиниот 41-годишен сопруг, британски државјанин. Основното јавно обвинителство Куманово тогаш побарало да му биде определен притвор, поради сомнение дека со камења нападнал даночни инспектори од Управата за јавни приходи за време на службена контрола на локалитетот.
Според Обвинителството, против него била поведена постапка за кривичното дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“.
Претходно, судот донел времена мерка со која Стојна Димитровска Бут и нејзиниот татко Милош Димитровски биле задолжени да го напуштат локалитетот и да го предадат на надлежните институции.
Најновото приведување повторно го отвора прашањето за состојбите и контролата на пристапот до еден од позначајните туристички и археолошки локалитети во кратовскиот регион.
СУДОТ ПРЕСЕЧЕ: КРАЈ НА ХАОСОТ ВО КУКЛИЦА Познато што ќе се случи со ‘узурпаторите’

