УЈП ИСПРАТИ ИТНА ОПОМЕНА – Кој не платил данок сега е на удар на присилна наплата
Управата за јавни приходи предупредува дека истекол рокот за плаќање на даночните обврски за 2025 година.

Управата за јавни приходи потсетува дека на 16 април истече законскиот рок за плаќање на разликите по годишните даночни биланси за 2025 година и ги повикува сите обврзници кои сè уште не ја извршиле уплатата тоа да го сторат без одложување.
Од институцијата посочуваат дека навременото подмирување на даночните обврски е од суштинско значење за стабилни јавни финансии и непречено функционирање на јавните услуги. Доцнењето, пак, резултира со зголемување на долгот по основ на камати и носи ризик од присилна наплата, блокада на банкарски сметки и други мерки.
Од вкупно 19.550 поднесени даночни биланси за данок на добивка, данок на вкупен приход и данок на личен доход кај вршители на дејност, каде е утврдена обврска за плаќање, кај 10.252 веќе е евидентирана уплата, што укажува на задоволително ниво на даночна дисциплина.
УЈП информира дека веќе испраќа персонализирани известувања до фирмите и вршителите на дејност со заостанати долгови и апелира на итно подмирување за да се избегнат дополнителни трошоци. Во спротивно, ќе се пристапи кон присилна наплата, со дополнителни давачки како еднократни такси и банкарски трошоци кои дополнително го зголемуваат долгот и може да влијаат врз тековното работење.
Исто така, се потсетува дека обврските може да се платат и од трето лице, како и преку пребивање со постојни даночни побарувања, а постои и можност за плаќање на рати, согласно законските услови.
