ТУТУНАРИТЕ КРЕНАА ГЛАС Парите ги нема, а роковите постојано се менуваат

Исплатата на субвенциите за тутунот се одложува за дополнителни 10 до 15 дена, најавуваат од Сојузот на тутунски здруженија.

ТУТУНАРИТЕ КРЕНАА ГЛАС Парите ги нема, а роковите постојано се менуваат
Фото: Принтскрин

Наместо најавената исплата на субвенциите во првата недела од јуни, тутунопроизводителите добија ново ветување и извинување. Претседателот на Сојузот на тутунските здруженија, Кире Ристевски, соопшти дека исплатата ќе биде пролонгирана за дополнителни 10 до 15 дена.

„Исплатата на субвенциите ќе биде пролонгирана. Им се извинувам на тутунопроизводителите за доцнењето. Средствата ќе бидат исплатени во целост, најдоцна до средината на месецот“, изјави Ристевски.

Иако претходно од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најавуваа дека субвенциите ќе бидат исплатени во првата недела од јуни, официјално образложение за новото одложување не беше соопштено. Наместо тоа, објаснувањето го даде Ристевски, кој посочи дека причината е поврзана со случајот на 91 тутунопроизводител кај кои биле утврдени неправилности при пријавувањето на тутунските површини за 2024 година.

Во меѓувреме, незадоволството кај тутунарите расте. На социјалните мрежи бројни производители реагираат поради постојаното поместување на роковите за исплата.

„Само се пролонгира исплатата. Прво беше април, па мај, а сега средина на јуни. Преваранти без осет и срам“, напиша една тутунопроизводителка.

Други коментираат дека земјоделците повторно ги трпат последиците од институционалната неефикасност и лошото управување со средствата.

Реакција стигна и од Игор Мирчески, поранешен координатор на новоформираните тутунски здруженија, кој остро ја критикуваше иницијативата за укинување на дел од постојните права на тутунарите.

„Наместо да се бараат повисоки субвенции и дополнителна поддршка, се отвора прашање за укинување на веќе стекнати права, како што се субвенциите по површина и зелената нафта“, посочи Мирчески.

Дополнително незадоволство предизвика и намалувањето на субвенциите за годинашната реколта. Наместо досегашните 100 денари за килограм тутун од прва класа, новите износи предвидуваат 80 денари за прва класа, 70 денари за втора и 60 денари за трета класа од ориенталните тутуни од типовите Прилеп и Јака.

Тутунарите сега очекуваат институциите да го исполнат најновото ветување и исплатата да биде реализирана до средината на јуни.

ТУТУНАРИТЕ ЗАДОВОЛНИ ОД ПРОЦЕНКАТА Просечната цена речиси 420 денари

CATEGORIES
TAGS
Share This