ТУРАНДОТ ПОВТОРНО НА СЦЕНАТА Пучини и „Nessun dorma“ во Националната опера и балет

Грандиозната опера на Пучини ќе биде изведена на 9 октомври, со италијански диригент и режисер и меѓународна солистичка екипа.

ТУРАНДОТ ПОВТОРНО НА СЦЕНАТА Пучини и „Nessun dorma“ во Националната опера и балет
Фото: Принтскрин

На 9 октомври, со почеток во 20:00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведена операта „Турандот“ од Џакомо Пучини, едно од највпечатливите дела во светскиот оперски репертоар.

Публиката ќе има можност да ја проследи грандиозната музика, драматичната приказна и вокалните партии на операта, меѓу кои е и легендарната тенорска арија „Nessun dorma“ – „Никој не спие“.

Со изведбата ќе диригира Џанлука Мартиненги од Италија, додека режијата, сценографијата и костимографијата се на светски реномираниот режисер Џанкарло дел Монако.

Кореографијата е на Саша Евтимова, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Ѓургица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во насловната улога на принцезата Турандот ќе настапи Николина Јаневска, додека улогата на Калаф ќе ја толкува гостинскиот тенор од Кина Ѕ-Жао Гуо.

Во улогата на Лиу ќе настапи Биљана Јосифов, Тимур ќе го толкува Игор Дуловски, а во останатите улоги ќе настапат Драган Ампов, Никола Стојчевски, Јане Дунимаглоски, Диме Петров и Марјан Николовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

ПУЧИНИЕВАТА ПОСЛЕДНА ОПЕРА

„Турандот“ е опера во три чина со музика на Џакомо Пучини, според либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, базирано на адаптацијата на Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци.

Пучини умира пред целосно да ја заврши операта, која подоцна е довршена од Франко Алфано.

Делото е препознатливо по иновативната употреба на хорот и оркестарот, како и по широките и експресивни мелодии. „Турандот“ изобилува со драматични и музички впечатливи моменти, а особено се издвојува „Nessun dorma“, една од најпознатите тенорски арии во оперската литература.

CATEGORIES
Share This