ТРИОТО КОЕ ГИ ОСВОИ СВЕТСКИТЕ СЦЕНИ ДОАЃА ВО ОХРИД Вечер за паметење во ‘Света Софија’
Добитници на светски награди вечерва во Охрид – ‘Кимера’ ќе ја исполнат ‘Света Софија’ со врвна камерна музика.

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва продолжува со настапот на италијанското трио „Кимера“, кое ќе одржи концерт во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот. Ансамблот го сочинуваат пијанистката Марта Черета, виолинистот Стефано Ракањи и виолончелистот Џорџо Лукини. Триото е формирано под менторство на Патрик Јуед на Високата школа за уметности во Берн, каде членовите во 2023 година се стекнуваат со магистерски дипломи по камерна музика.
Членовите на „Кимера“ своето музичко образование го надградуваат и во Италија, каде работат со квартетот „Кремона“ во Центарот за гудачки инструменти „Стауфер“, а постдипломските студии ги завршуваат на Конзерваториумот „А. Боито“ во Парма под менторство на квартетот „Парма“. Во својата уметничка работа се инспирирани од соработките со врвни музичари како Миша Мајски, Амирам Ганц од триото „Алтенберг“, Антонио Менезес и Екарт Рунге од квартетот „Артемис“.
„Кимера“ е официјален член на Европската академија за камерна музика, а зад себе има низа значајни признанија. Во 2022 година го добива признанието за најдобар италијански ансамбл на натпреварот за камерна музика „Филипо Никозија“. Во следните години освојува награди на натпреварите „Луиџи Ноно“ и во Ланкастер, а во 2025 година се закитува со први награди на натпреварите во Бусан, Јужна Кореја и „Алберто Бури“ во Кастело.
Триото настапувало во престижни концертни сали низ Европа, меѓу кои во Барселона, Мадрид, Будимпешта, Вилнус и Париз. Во 2023 година одржува концерт и семинар во Адис Абеба со Симоне Грамаљија, а една година подоцна дебитира и на турнеја во САД со настапи во Вашингтон и други градови. Во Италија „Кимера“ настапува во повеќе значајни културни центри, меѓу кои Сполето, Милано, Виченца, Јеси и Верчели. Ансамблот има реализирано и едукативни проекти, меѓу кои концерти и семинари на Универзитетот во Тирана со Јоханес Крец, Јана Андреевска и Анелис ван Парис.
Во 2023 година „Кимера“ беше резидентен ансамбл на Натпреварот за композиција на Академијата „Финци“ во Милано, а во 2025 година композиторот Фабио Ваки создаде ново дело посветено на триото. Настапот на „Кимера“ на „Охридско лето“ претставува уште една можност публиката да ужива во врвна камерна музика изведена од ансамбл со богато меѓународно искуство и бројни признанија.


