БИТОЛА ЌЕ ГРМИ ОД МУЗИКА 20 години ‘Локум фест’ носи спектакл со етно ритми и големи изненадувања

Од 16 до 18 јули, битолчани и гостите ќе уживаат во фестивал кој две децении ја чува автентичната музичка приказна.

БИТОЛА ЌЕ ГРМИ ОД МУЗИКА 20 години ‘Локум фест’ носи спектакл со етно ритми и големи изненадувања
Фото: Принтскрин

Од 16 до 18 јули, Битола ќе биде центар на музичките влијанија, традицијата и културната разновидност преку јубилејното издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција“. Фестивалот, кој веќе две децении успешно го задржува својот препознатлив концепт, повторно ќе понуди уникатен спој на етно музика, современи изрази, различни култури и автентични традиции. Како еден од ретките фестивали во регионот што опстојува со истата идеја од своите почетоци, „Локум фест“ продолжува да ја гради својата приказна преку музиката како мост меѓу луѓето и културите.

На 17 јули, на фестивалската сцена ќе настапи „Скопје Виа“ една од најинтересните нови музички појави на македонската сцена. Етно-акустичниот состав носи препознатлив џипси џез звук, комбинирајќи ја традиционалната балканска музика со современи урбани влијанија. Групата минатата година ја претстави својата прва авторска песна „Под ова небо“, дело во кое се преплетуваат театарска експресија и модерен балкански звук.

Членови на „Скопје Виа“ се актерката Јана Стојановска (вокал), Мишел Трајковски (хармоника), Хилми Баки (виолина), Никола Петрушевски (кларинет), Влатко Пате (ударни инструменти), Кирил Златановски (контрабас), Ташко Грујоски и Васил Потиров (гитари). „Локум фест – музика и традиција“ се одржува на јавни простори и претставува проект од национално значење, поддржан од Министерството за култура и туризам и Општина Битола, а е дел од програмата на „Бит Фест“.

CATEGORIES
Share This