ТРГНУВАТЕ НА ПАТ Проверете каде има одрони и изменет режим на сообраќај

Сообраќајот се одвива по суви коловози, а на граничните премини нема подолги задржувања.

ТРГНУВАТЕ НА ПАТ Проверете каде има одрони и изменет режим на сообраќај
Фото: Национал

Денеска (18.06) сообраќајот на сите државни патишта во Македонија се одвива непречено по суви коловози, информираат од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ). Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна во моментов нема подолги задржувања ниту за влез, ниту за излез од државата.

Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да бидат особено внимателни на делниците каде постои ризик од појава на одрони. Најголема претпазливост се препорачува на патиштата Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица останува отворен за сообраќај за сите возила до 3,5 тона, согласно сезонскиот режим што стапи во сила од 15 април.

Во тек се повеќе градежни активности и санации на патната инфраструктура низ државата. Работи се изведуваат на делницата Гостивар – Стража, на мостовите кај Атанасова Река и Вијадуктот на Дол, како и на мостовите на реката Вардар кај Желино на автопатот А2. Времен режим на сообраќај е воведен и на делницата Смоквица – Гевгелија поради изградба на интерконективен гасовод.

Дополнително, на скопската обиколница се врши рехабилитација на делницата меѓу клучките Волково и Кондово, каде сообраќајот се одвива со изменет режим. Во сила остануваат и времените ограничувања на регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост поради санација на свлечиште.

Како дел од изградбата на Коридорот 10Д, сообраќајот на патниот правец Прилеп – Битола е пренасочен по регионалниот пат на потегот од клучка Лагово до Тополчани, каде возачите треба да ја следат поставената сигнализација.

CATEGORIES
Share This