МИЦКОСКИ ОД СТРУМИЦА СО ПОРАКА Македонија повеќе нема да чека
На 36-годишнината на ВМРО-ДПМНЕ, партискиот лидер порача дека земјата мора да се движи напред со самодоверба и јасна визија.

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на одбележувањето на 36-годишнината од формирањето на партијата во Струмица порача дека Македонија мора да продолжи да се движи напред со забрзано темпо, самодоверба и јасна визија за иднината.
На настанот што се одржа под мотото „Македонија забрзува, наша обврска“, Мицкоски истакна дека граѓаните заслужуваат држава која создава можности, наместо изговори, и во која институциите функционираат во служба на народот.
„Мојата визија е Македонија да стане држава на можности, а не на изговори. Држава во која институциите работат за граѓаните, правдата важи за сите, а успехот се темели на знаење, труд и резултати. Сакам земја која не чека подобри времиња, туку сама ги создава“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека напредокот на државата не треба да биде мотивиран од надворешни очекувања, туку од потребите и заслужените очекувања на македонските граѓани.
Според него, љубовта кон татковината, вербата во сопствените сили и единството на народот се двигатели на промените и развојот.
„Македонија не се предава и не застанува. Македонија забрзува. Ова е почеток на ново поглавје во кое ќе се испишуваат нови успеси и дела што ќе ги паметат идните генерации“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.


