ТРАМП ТВРДИ Иран е скршен, Америка повторно владее
Трамп ги обвини Обама и Бајден за слаб однос кон Техеран и за погрешни одлуки во изминатите години.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран е воено поразен и упати остри критики кон Демократската партија и неговите претходници Барак Обама и Џо Бајден, обвинувајќи ги за слаб пристап кон Техеран.
Во објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп порача дека американската политика кон Иран под негово водство донела резултати какви што претходните администрации не успеале да постигнат.
„Радикалната левица и демократите конечно гледаат колку успешно беше нашето дејствување против Иран. Денес нивната земја е целосно воено поразена“, напиша Трамп.
Тој го обвини поранешниот претседател Барак Обама дека му овозможил на Иран пристап до милијарди долари, без притоа да преземе решителни мерки за запирање на, како што рече, „најголемиот државен спонзор на тероризмот во светот“.
Трамп додаде дека иранските власти не покажувале почит кон Обама и Бајден, бидејќи ги сметале за слаби лидери.
„Иран 47 години се извлекуваше без последици. Потоа дојдов јас и сè се промени. Америка се врати“, порача американскиот претседател.
Во меѓувреме, според информациите на CNN, САД и Иран постигнале меморандум за разбирање со кој се поставуваат основите за прекин на конфликтот меѓу двете земји. Документот предвидува прекин на огнот, повторно отворање на Хормутскиот теснец, финансиско олеснување за Иран и гаранции дека Техеран нема да развива нуклеарно оружје.
Според извештајот, со укинување на дел од санкциите Иран би добил можност повторно да извезува нафта, пристап до замрзнати финансиски средства и потенцијално дополнително финансирање вредно стотици милијарди долари.
Конечен договор меѓу двете страни се очекува да биде постигнат во рок од 60 дена, со можност за продолжување на рокот доколку биде потребно.


