УКРАИНСКИ УДАР ВО СРЦЕТО НА КРИМ Загинати цивили, пожар на нафтен терминал по нападот
Руското Министерство за одбрана тврди дека во текот на ноќта биле соборени 239 украински беспилотни летала над Крим и други региони.

Четири лица загинаа, а 28 се повредени во напад со украински беспилотни летала на Керченскиот Полуостров на Крим, соопшти денеска кримскиот гувернер Сергеј Аксьонов.
„За жал, како последица на нападите со непријателски дронови има жртви меѓу цивилното население. Четири лица загинаа, а 28 се повредени“, напиша Аксьонов на Телеграм.
Според оперативниот штаб на Краснодарскиот крај, еден од дроновите го погодил подрачјето на трасата Панагија во близина на Керченскиот Проток, во реонот на Темрјук. По ударот избувнал пожар на нафтен терминал во селото Чушка.
Делови од соборени дронови паднале врз приватни куќи во две општини, при што е причинета материјална штета.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта биле соборени 239 украински дронови над повеќе руски региони, вклучително и над Крим, Краснодарскиот крај и Црното Море.


