МАГИЧНО УТРО НА КОКИНО Министерот сведочеше на редок феномен стар 4.000 години
На денот на летната долгодневица, министерот за култура и туризам Зоран Љутков го проследи изгрејсонцето на Кокино, во рамки на подготовките за одбележување на 25 години од откривањето на еден од најзначајните археоастрономски локалитети во Македонија.

На денот на летната долгодневица, министерот за култура и туризам Зоран Љутков рано утринава го посети археолошкиот локалитет Кокино, каде што го проследи изгрејсонцето – впечатлив природен и астрономски феномен што со векови привлекува внимание од научници, истражувачи и посетители од земјата и светот.
Кокино, чија старост се проценува на околу 4.000 години, е едно од најзначајните археолошки и археоастрономски наоѓалишта во Македонија. Овој локалитет сведочи за извонредното познавање на движењето на Сонцето и небесните тела од страна на древните жители, кои преку внимателни набљудувања ги следеле природните циклуси и нивното влијание врз секојдневниот живот и духовната култура.
Од Министерството за култура и туризам информираат дека посетата е дел од активностите за афирмација и промоција на македонското културно наследство, како и од подготовките за одбележувањето на значајниот јубилеј – 25 години од откривањето на Кокино.
Јубилејот ќе биде одбележан во 2026 година со низа научни, културни и промотивни настани, насочени кон поголема меѓународна видливост на локалитетот и неговото значење.
„Министерството за култура и туризам останува посветено на зачувувањето, валоризацијата и промоцијата на културното наследство како темелна вредност на националниот идентитет и важен потенцијал за развој на културниот туризам“, соопштија од ресорното министерство.


