ТРАМП СО ДВОСМИСЛЕНА ПОРАКА Деновите на Мадуро се одбројани, но не би рекол дека ќе нападнеме
Вашингтон ја зголемува воената активност во Карибите, Каракас спроведува одбранбени подготовки.

Изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека „деновите на Николас Мадуро се одбројани“ предизвика нов бран шпекулации за можни американски потези во Латинска Америка.
Кога беше директно запрашан дали САД планираат воена интервенција во Венецуела, Трамп одговори двосмислено:
„Се сомневам. Не мислам така.“
Но на прашањето дали смета дека мандатот на Мадуро е завршен, неговиот одговор беше јасен:
„Би рекол да. Мислам така.“
Иако ги отфрли извештаите за непосредни воени напади врз цели во Венецуела, Трамп не ја исклучи можноста за идни акции.
„Нема да ви кажам што ќе правам со Венецуела,“ додаде тој, оставајќи простор за шпекулации.
Од август наваму, тензиите меѓу двете држави растат. Американската администрација ја зголеми наградата за информации што би довеле до апсење на Мадуро на 50 милиони долари, а во Карипското Море распореди ударна поморска група во рамки на операцијата „против нарко-тероризмот“.
Во последните недели, американските сили извеле 15 операции против бродови осомничени за шверц на дрога во Карибскиот и источниот Пацифик, при што загинале 61 лице.
Министерот за одбрана Пит Хегсет изјави дека САД ќе продолжат со решителни акции:
„Овие наркотерористи носат дрога на нашите брегови за да ги отрујат Американците, и тоа нема да го дозволиме. Ќе ги ловиме и елиминираме како што направивме со Ал Каеда.“
Агенцијата Ројтерс објави дека американските сили реновираат и надградуваат база во Порторико, која се наоѓа релативно блиску до Венецуела. Истовремено, се гради инфраструктура и на аеродромите во Порторико и Сент Кроа, на околу 500 километри од венецуелскиот брег што многумина го толкуваат како подготовка за можни операции.
Во Каракас, пак, власта се подготвува за можен напад и спроведува воени вежби, ги децентрализира силите и воведува мерки за заштита на клучната инфраструктура.
Иако е малку веројатна широка копнена инвазија, американската стратегија очигледно се насочува кон ограничени операции, санкции и дипломатски притисоци со цел ослабување на режимот.
Зад ваквиот пристап стои и јасен економски мотив – огромните резерви на нафта во Венецуела, најголеми во светот. Контролата или влијанието врз тие ресурси претставува значаен геополитички интерес за Вашингтон.
На краток рок, најреалните опции се насочени воени акции против шверц и нарко-групи, дополнителни економски санкции и засилен дипломатски и психолошки притисок врз режимот на Мадуро.
Сепак, секоја ескалација би можела да предизвика широки регионални последици и нова нестабилност во Латинска Америка со потенцијално влијание врз глобалните енергетски пазари.
Иако Трамп не откри детали, неговите зборови испратија јасна порака: режимот на Мадуро е под силен американски притисок, а следните потези на Вашингтон би можеле да ја променат политичката и економската карта на регионот.


