ЌЕ ВИ ГО СРЕДИМЕ ЗЕМЈИШТЕТО Скопјанка останала без 117.000 денари, лажен катастарски службеник ја измамил
Двајца ѝ ветиле помош за откуп на државно земјиште, но проверката во Катастар открила дека наводниот службеник не работи таму повеќе од две години.

Дваесет и четиригодишна скопјанка пријавила во полиција дека била измамена за 117.000 денари од две лица кои ѝ ветиле дека ќе му помогнат на нејзиното семејство да откупи и приватизира земјиште во државна сопственост.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен на 22 октомври во 14 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје.
Жената пријавила дека на 21 септември се сретнала со две лица, од кои едното се претставило како вработено во Катастар. Тие ѝ ветиле дека ќе ја завршат постапката за откуп на земјиштето што го користело нејзиното семејство.
Верувајќи во ветувањата, скопјанката во неколку наврати им исплатила вкупно 117.000 денари.
Сомнежите се потврдиле кога подоцна се обратила во Катастар за да се информира за постапката. Таму ѝ било кажано дека лицето што се претставило како нивен вработен веќе повеќе од две години не работи во институцијата.
Откако сфатила дека е измамена, случајот го пријавила во полиција.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

