БУНТ ВО ШКОДА ПРОТИВ ФОЛКСФАГЕН Работниците се закануваат со штрајк ако почнат отпуштања

индикатите ја отфрлаат идејата за замрзнување на платите, бонусите и премиите до 2030 година, иако чешкиот производител бележи силни резултати

БУНТ ВО ШКОДА ПРОТИВ ФОЛКСФАГЕН Работниците се закануваат со штрајк ако почнат отпуштања
Фото: Принтскрин

Синдикатите во „Шкода“, најголемиот чешки производител на автомобили, остро се спротивставуваат на плановите на матичниот концерн „Фолксваген“ за замрзнување на платите, бонусите и премиите до 2030 година. Тие предупредуваат дека ќе организираат штрајк во сите три фабрики доколку започнат отпуштања на вработени.

Претседателот на синдикатот, Јарослав Повшик, порача дека работниците нема да прифатат да го понесат најголемиот товар од кризата во германскиот автомобилски концерн, особено затоа што „Шкода“ остварува добри деловни резултати.

„Ние во ‘Шкода’ не можеме да ја носиме најголемата одговорност во ‘Фолксваген’. Од нас бараат нула зголемувања на платите, без додатоци, бонуси и премии, а истовремено бараат и повеќе работа во областа на електричната мобилност. Ова повеќе не е солидарност, туку напад врз вработените во ‘Шкода’ кои чесно си ја вршат работата“, изјавил Повшик, пренесувајќи ги ставовите на синдикатот.

Германскиот автомобилски гигант се соочува со сериозни предизвици, меѓу кои високите производствени трошоци, неискористените производствени капацитети, растечката конкуренција од Кина и американските царини.

Како одговор на проблемите, „Фолксваген“ најави обемно реструктурирање, кое вклучува можност за затворање четири фабрики во Германија, како и замрзнување на платите во рамките на концернот до 2030 година.

Но, состојбата во „Шкода“ е значително поинаква. Чешкиот производител бележи раст на продажбата и се позиционира меѓу најуспешните автомобилски брендови на европскиот пазар.

Минатата година „Шкода“ беше трет најпродаван автомобилски бренд во Европа, додека годинава се искачи на второто место, потпирајќи се и на побарувачката за електричните модели „Ењак“ и „Елрок“.

Компанијата, која има околу 36.500 вработени, минатата година повторно произведе повеќе од еден милион автомобили. Истовремено, успева да одржува профитни маржи од околу 8,3 до 8,5 проценти, што дополнително го засилува незадоволството на синдикатите од најавените ограничувања.

И покрај добрите резултати, раководството на „Шкода“ на состаноците со работниците признало дека слабите деловни резултати на матичниот концерн би можеле да го загрозат и производството во чешката компанија, како и работните места. Ова го објави чешкиот јавен сервис „Радиожурнал“.

Синдикатите предупредуваат дека нема да дозволат кризата во германската автомобилска индустрија да се искористи како оправдување за отпуштања и ограничување на правата на работниците во успешната чешка фабрика.

„Ако навистина ја преминат таа граница, сите ние во сите три наши фабрики ќе го прекинеме производството додека не се реши ситуацијата“, предупреди Повшик.

Најавата отвора нов фронт во односите меѓу раководството на „Фолксваген“ и синдикатите, во време кога европската автомобилска индустрија се соочува со силен притисок од конкуренцијата, трошоците и забрзаната транзиција кон електрични возила.

CATEGORIES
Share This