ТРАМП ОТВОРА РУДНИЦИ НА БРЗА ТРАКА – САД вложуваат милијарди во бакар, што ќе направи Македонија

Трамп најави три милијарди долари нови инвестиции во рударството, додека Македонија со години го чека активирањето на „Иловица-Штука“.

ТРАМП ОТВОРА РУДНИЦИ НА БРЗА ТРАКА – САД вложуваат милијарди во бакар, што ќе направи Македонија
Фото: Принтскрин

Американскиот претседател Доналд Трамп најави нов пакет инвестиции од три милијарди долари во рударскиот сектор, со цел САД да ја намалат зависноста од Кина за критични минерали и повторно да се позиционираат како светска минерална суперсила.

Од вкупниот пакет, една милијарда долари ќе биде насочена кон проект за ископ на бакар, додека повеќе од една милијарда долари треба да бидат обезбедени за проектот „Санта Круз“ во Аризона. Трамп порача дека рударството повторно станува државен приоритет, а процедурите за добивање дозволи, според него, се скратени од три до пет години на само 25 дена.

Американскиот претседател нагласи дека критичните минерали се од стратешко значење за економијата и националната безбедност, бидејќи од нив зависат одбранбената и автомобилската индустрија, како и современите технологии.

„Ги враќаме рударите назад на работа и ја потврдуваме позицијата на Америка како светска минерална суперсила. Голем дел од затворените рудници повторно ќе се активираат, а и многу нови рудници се градат. Во последните 18 месеци нашата администрација потпиша и одобри 160 договори за ископ на минерали, во вредност од 40 милијарди долари. Затоа, сега во САД се отвораат рудници на брза трака. Ова не се случило од 50-тите години на минатиот век“, изјави Трамп.

Додека големите светски сили ги забрзуваат инвестициите во критичните минерали, Македонија сè уште не го користи во целост сопствениот рударски потенцијал.

Еден од најзначајните домашни проекти е „Иловица-Штука“, инвестиција вредна над 350 милиони евра, која со години е во застој. Според инвеститорот, во услови кога цената на бакарот надминува 14.000 долари за тон, активирањето на проектот би можело да донесе значајни економски придобивки за државата.

Според истражувањата на „Еуромакс Ресурсис“, наоѓалиштето располага со повеќе од 700.000 тони руден концентрат и има потенцијал за годишен извоз од над 10.000 тони бакар во период од две децении.

Додека САД вложуваат милијарди долари за обезбедување на сопствените резерви на критични минерали, останува прашањето дали и Македонија ќе успее да го активира својот потенцијал и да го претвори бакарот во значаен економски ресурс.

НАД 10.000 ТОНИ БАКАР ГОДИШНО Македонскиот потенцијал што се вклопува во европскиот план

CATEGORIES
Share This