ТРАМП ИМ СРЕДИ ПРИМИРЈЕ НА ПУТИН И ЗЕЛЕНСКИ – Три дена без напади за време на парадата во Москва
Примирјето ќе трае од 9 до 11 мај, а според Трамп ќе запре целата воена активност меѓу Русија и Украина.

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат договор за тридневно примирје меѓу Русија и Украина.
Во објава на својата социјална мрежа Truth Social, Трамп соопшти дека прекинот на огнот ќе трае на 9, 10 и 11 мај, по повод одбележувањето на Денот на победата.
„Со задоволство објавувам дека ќе има тридневен прекин на огнот во војната меѓу Русија и Украина. Примирјето ќе вклучува целосен прекин на сите воени активности, како и размена на 1.000 затвореници од двете страни. Лично го предложив ова барање и ја ценам согласноста на претседателите Владимир Путин и Володимир Зеленски“, напиша Трамп.
Тој додаде дека се надева оти ова ќе биде почеток на крајот на, како што ја нарече, „долгата и смртоносна војна“, нагласувајќи дека разговорите за трајно решение продолжуваат.
Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин откри детали од телефонскиот разговор со Трамп, одржан на 29 април, пренесуваат руските медиуми.
„Разговаравме за заедничката борба против нацизмот и победата во Втората светска војна. Се потсетивме како нашите земји заедно се бореа и победија“ изјави Путин на состанок на Советот за безбедност на Русија.
Според официјалните информации, разговорот меѓу Трамп и Путин траел повеќе од час и половина и бил воден во „отворен и пријателски тон“.
