ТРАМП ГО ПРЕКРСТИ ХОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ Од стратешки премин до „Трампов теснец“
Трамп објави мапа со ново име за стратешкиот поморски премин, додека тензиите со Иран и натаму растат.

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно предизвика реакции во јавноста откако на својата социјална мрежа Truth Social објави мапа на која Ормускиот теснец е означен со ново име – „Трампов теснец“.
Објавата се појави само половина час откако „Волстрит џурнал“ објави ексклузивен извештај за следните чекори на Вашингтон во актуелниот конфликт со Иран.
Според извештајот, Трамп го одбил иранскиот предлог за седумдневен прекин на огнот, при што се наведува дека Вашингтон очекува воените дејствија против Иран да продолжат и по американските избори во ноември.
Трамп уште на 2 септември на Truth Social ја разгледуваше можноста стратешкиот поморски премин да го преименува по себе. Притоа тврдеше дека Ормускиот теснец веќе е под директна контрола на Соединетите Американски Држави.
Неговите намери дополнително дојдоа до израз минатиот месец, кога, неколку дена откако најави дека на предизборен митинг ќе издаде официјална декларација за ова прашање, објави слична мапа на која теснецот беше означен како „нова територија на САД“.
Ормускиот теснец во изминатите месеци се најде во центарот на глобалното внимание поради неговото огромно значење за светскиот енергетски пазар. Низ овој стратешки поморски премин вообичаено се транспортира околу една петтина од светската нафта.
Состојбата драматично се промени на 28 февруари, кога САД и Израел започнаа воени дејствија против Иран. На почетокот на конфликтот, Иран започна да го блокира теснецот како одмаздничка мерка, што предизвика сериозни потреси на пазарите и раст на цените на енергентите ширум светот.
Иако состојбата се следи од ден на ден, поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец и натаму е значително намален во однос на периодот пред почетокот на војната.

