ТРАМП ГО ПРЕДУПРЕДИ НЕТАНЈАХУ Израел може да остане сам по новиот напад на Иран
Трамп тврди дека САД биле известени во последен момент за израелските напади врз Иран.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го предупредил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху оти Израел би можел да остане сам доколку конфликтот со Иран дополнително ескалира. Тој додаде дека Вашингтон бил информиран за израелските напади врз Иран во последен момент и дека успеал да го ограничи нивниот обем, јавуваат израелските медиуми.
Во телефонски разговор за израелскиот Канал 12, Трамп рече дека синоќа побарал од Нетанјаху Израел да се воздржи од одговор на новите ирански балистички напади.
Според Канал 12, разговорот завршил без јасен заклучок, но некои од неговите соработници кои учествувале во повикот изјавиле дека добиле впечаток оти Трамп успеал да обезбеди неколку дена без израелска одмазда, со цел да се поддржат преговорите меѓу САД и Иран за постигнување договор.
Сепак, по разговорот, Нетанјаху свикал консултации со високи безбедносни претставници и го информирал американскиот државен секретар Марко Рубио дека одлучил да изврши напади врз Иран, наведува Канал 12.
Трамп, според истите извештаи, додал дека неколку регионални држави вклучени во посредувањето меѓу САД и Иран побарале притисок врз Израел да ги прекине нападите и да продолжи со дипломатскиот процес.
Тој исто така изјавил дека ирански претставници контактирале со Вашингтон и сигнализирале дека нема да спроведуваат дополнителни напади врз Израел, барајќи Тел Авив да ги запре одмаздничките акции. По ова, Трамп повторно разговарал со Нетанјаху и, како што се наведува, го убедил да се согласи на прекин на понатамошните напади.
Американскиот претседател повтори дека верува оти договор со Иран сè уште е можен, додавајќи дека Техеран е подготвен да го потпише и дека таков договор би бил корисен.
Трамп претходно за Фокс њуз изјави дека смета оти САД се само неколку дена од финализирање на договор со Иран, пред новата ескалација меѓу Израел и Иран.


