ТИЕ ШТО НАПАЃААТ И НЕГИРААТ СЕ ЖАЛАТ Бугарија се жали во Советот на Европа за напади во Македонија

Деница Сачева испрати писмо до ПССЕ во кое тврди дека нападите врз бугарски институции и граѓани во Македонија претставуваат загрижувачки тренд.

ТИЕ ШТО НАПАЃААТ И НЕГИРААТ СЕ ЖАЛАТ Бугарија се жали во Советот на Европа за напади во Македонија
Фото: Принтскрин

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) е информирано за, како што наведуваат бугарските претставници, серија инциденти насочени кон бугарски институции, организации и граѓани во Република Северна Македонија.

Според бугарските медиуми, пратеничката Деница Сачева испратила писмо до претседателот на ПССЕ, Пабло Еспан, и до членовите на групата на Европската народна партија (ЕНП/ХД), во пресрет на летната сесија на Собранието што се одржува од 22 до 26 јуни во Стразбур.

Во писмото, Сачева наведува дека неодамнешното палење на два дипломатски автомобили пред бугарската амбасада во Скопје не треба да се смета за изолиран инцидент, туку како дел од поширок тренд на напади врз бугарски институции и лица во земјата.

Таа потсетува на неколку претходни случаи, меѓу кои нападот врз Бугарскиот културен центар во 2023 година, оштетувањето на бугарската амбасада во јануари 2026 година, палежот на Културниот клуб „Иван Михајлов“ во Битола, како и нападот врз Христијан Пендиков, секретар на Културниот клуб „Цар Борис III“ во Охрид.

Според Сачева, овие инциденти укажуваат на континуиран тренд на непријателство кон бугарските институции и граѓани во Северна Македонија. Таа оценува дека на ваквата состојба влијаат негативната реторика кон Бугарија и Бугарите во дел од јавниот и политичкиот дискурс, недоволната реакција на говорот на омраза и недостигот од ефикасни мерки против сторителите.

Во обраќањето до ПССЕ, Сачева повикува Советот на Европа внимателно да го разгледа ова прашање, нагласувајќи дека нападите врз дипломатски претставништва, културни институции или граѓани поради нивната национална припадност не смеат да бидат толерирани во ниту една земја-членка.

Таа изразува очекување дека властите во Република Северна Македонија ќе преземат дополнителни мерки за спречување на вакви инциденти, ќе ја зајакнат заштитата на бугарската амбасада и ќе работат на отстранување на причините што, според неа, придонесуваат за ваквите појави.

CATEGORIES
Share This