УХМР ПРЕДУПРЕДУВА Температури до 36 степени, а потоа следува пресврт
По сончевото и жешко претпладне, попладне се очекуваат дожд, грмежи и засилен ветер.

Времето денеска (23.06) ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а дневната температура ќе се движи од 13 до 36 степени Целзиусови, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Во попладневните часови, под влијание на циклонска активност, се очекува развој на нестабилна облачност проследена со дожд, грмежи и засилен ветер.
Според прогнозата, локално се можни поинтензивни временски процеси во форма на невреме, со пообилен пороен дожд, силни налети на ветер кои можат да надминат 60 километри на час и појава на град.
Во Скопје претпладне ќе преовладува сончево и топло време со мала до умерена облачност. Попладне се очекува зголемена нестабилност, проследена со дожд, грмежи и засилен ветер, а во одделни делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме.


