ТЕТОВО ЈА МЕНУВА КАРТАТА Откриена листата со 74 нови имиња за улиците

Работната група утврди 74 предлог-имиња, меѓу кои се личности од албанската и македонската историја, култура и спорт.

ТЕТОВО ЈА МЕНУВА КАРТАТА Откриена листата со 74 нови имиња за улиците
Фото: Принтскрин

Работната група за преименување на улиците во Општина Тетово вчера ја одржа втората седница, на која била усвоена листа со 74 предлог-имиња за улиците во градот, информира „Тетовоинфо“. Меѓу предложените имиња се наоѓаат значајни личности од албанската историја и култура, како Скендербег, Мајка Тереза, браќата Фрашери, писателите Кадаре и Миѓени, но и личности кои оставиле белег во културниот, образовниот и спортскиот живот на Тетово – писателите Мурат Исаку и Абдулазис Ислами, диригентот Гани Јахја и фудбалерот Хаќим Мемеди.

Претседателот на Работната група, Алби Ќамили, изјави дека со новите имиња ќе бидат опфатени и улиците каде што живеат Македонци, кои повеќе нема да ги носат досегашните југословенски називи.

„Ќе има имиња на личности од македонската историја и култура, како Крсте Петков Мисирков и други значајни фигури“, посочи Ќамили.

Иницијативата следува откако пред еден месец Уставниот суд ја укина одлуката на Општина Тетово од 2007 година за преименување на повеќе улици во градот. Одлуката беше донесена по иницијатива на Сојузот на борците, кој ја оспори законитоста на тогашната одлука на локалната власт.

Во меѓувреме, ДУИ во понеделникот поднесе предлог-одлука за повторно преименување на улиците на 15-тата седница на Советот на Општина Тетово. Точката беше прифатена за разгледување, но откако советниците од ДУИ ја напуштија седницата незадоволни што предлогот не бил ставен како прва точка на дневен ред, мнозинството советници на крајот ја отфрлија.

Процесот на избор на нови имиња продолжува, а конечната одлука ќе треба да биде донесена од Советот на Општина Тетово.

CATEGORIES
Share This