ФИФА ОТВОРИ ИСТРАГА ПРОТИВ АРГЕНТИНА Потегот по победата над Англија предизвика бура

Аргентинските репрезентативци ја прославија победата над Англија со спорен транспарент за Фолкландските Острови, по што ФИФА најави можна дисциплинска постапка.

ФИФА ОТВОРИ ИСТРАГА ПРОТИВ АРГЕНТИНА Потегот по победата над Англија предизвика бура
Фото: Принтскрин

Аргентина се најде под лупа на ФИФА поради политичка порака при прославата на победата над Англија во полуфиналето на Светското првенство. По обезбедениот пласман во финалето, аргентинските фудбалери на теренот развија транспарент со натпис „Фолкландите се аргентински“, со што повторно го отворија долгогодишниот спор околу суверенитетот на островите.

Фолкландските Острови, кои Велика Британија ги смета за своја прекуморска територија во југозападниот дел на Атлантикот, се предмет на територијален спор со Аргентина. Двете земји во 1982 година водеа војна за островите, која траеше од април до јуни и заврши со повеќе од 900 загинати.

ФИФА и претходно реагираше на слични пораки. Во 2014 година, Аргентинската фудбалска федерација беше казнета со 20.000 фунти поради транспарент со истата содржина при пријателски натпревар против Шкотска.

По новиот инцидент се очекува дисциплинска постапка, а потпретседателката на Аргентина, Викторија Виљаруел, ја поддржа пораката на репрезентативците.

„Ова не беше само уште еден натпревар. Фолкландските Острови се аргентински. Можат да ги забранат на стадионот, но не можат да ни ги одземат, бидејќи ги носиме во нашата крв и во нашите срца“, изјави Виљаруел.

Пред полуфиналниот дуел, селекторот на Аргентина, Лионел Скалони, повика политиката да остане надвор од фудбалот.

„Ова е фудбалски натпревар. Не можам да ги мешам работите, особено од почит кон она што се случи пред многу години. Тоа беше многу тажен период во нашата историја и тоа е реалност со која мораме да живееме“, порача Скалони.

CATEGORIES
TAGS
Share This