ТЕНЗИИ ДО ТОЧКА НА ВРИЕЊЕ – Тајван возвраќа по контроверзните зборови на Трамп
Изјавите на Трамп по самитот со Си Џинпинг предизвикаа политички бранувања.

Тајван повторно ја потврди својата сувереност во саботата, по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој по средбата со кинескиот лидер Си Џинпинг предупреди дека не го поддржува самоопределувањето на островот.
Во соопштение на Министерството за надворешни работи на Тајван се нагласува дека земјата е „суверена и независна демократска држава“ и дека не е под контрола на Народна Република Кина. Оваа реакција дојде како директен одговор на изјавите на Трамп.
Тој во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека не сака понатамошна ескалација околу Тајван, истакнувајќи дека САД би требало да патуваат илјадници милји за евентуален конфликт и дека не посакува такво сценарио. Тој повика на смирување на тензиите меѓу двете страни.
Иако САД официјално не го признаваат Тајван како независна држава, Вашингтон продолжува да одржува неофицијални односи и да продава оружје, што предизвикува остри реакции од Пекинг, кој го смета островот за дел од својата територија.
Кинескиот претседател Си Џинпинг го опиша прашањето за Тајван како клучно за односите меѓу САД и Кина, предупредувајќи дека нерешавањето на спорот може да доведе до сериозни последици.
Трамп, пак, изјави дека верува оти кинеската страна не сака воен конфликт и дека постои простор за деескалација на тензиите.
