ЛЕГЕНДАТА СЕ ВРАЌА – Пелистер го носи Лино Червар, почнува нова ера во Битола

Лино Червар по вторпат во македонскиот ракомет, овојпат на клупата на Пелистер.

ЛЕГЕНДАТА СЕ ВРАЌА – Пелистер го носи Лино Червар, почнува нова ера во Битола
Фото: Принтскрин

Враќањето на Лино Червар во македонскиот ракомет повторно е во фокусот на спортската јавност. Поранешниот селектор на Македонија и поранешен тренер на Металург започнува нов ангажман во Еурофарм Пелистер, што предизвика бројни реакции.

Една од нив дојде од Кирил Лазаров, кој токму од Червар учел на почетокот од својата кариера. Лазаров го поздрави неговото доаѓање и истакна дека станува збор за значајно засилување за домашниот ракомет.

„Доаѓањето на Лино Червар е добро за македонскиот ракомет. Тоа е одличен избор и сигурен сум дека таму ќе се работи квалитетно. Тој е мој учител, човек од кого многу научивме и како играчи и како тренери. Сè уште сме во контакт и му честитав за новиот предизвик“, изјави Лазаров.

Тој додаде дека присуството на Червар ќе ја зголеми конкуренцијата во лигата и ќе ги натера сите клубови и тренери да работат на повисоко ниво.

„Како што тој е одличен, така и ние покрај него ќе мораме да бидеме уште подобри. Мене лично ќе ми биде потешко против него, бидејќи е поискусен и има освоено многу трофеи. Сепак, се надевам дека еден ден ученикот ќе биде подобар од учителот“, порача Лазаров.

Червар зад себе има значајно наследство во македонскиот ракомет, особено преку периодот во Металург, со кој двапати стигна до четвртфинале во Лигата на шампионите и освои повеќе домашни трофеи. Тој ја водеше и македонската репрезентација, а најголемите успеси во кариерата ги постигна со Хрватска, олимписко злато во 2004 година и светска титула во 2003 година.

И покрај 75-те години, Червар и понатаму важи за едно од најпознатите тренерски имиња во европскиот ракомет, а во Пелистер се надеваат дека неговото доаѓање ќе донесе нов импулс и амбиции за враќање на клубот на врвот.

CATEGORIES
Share This