СВЕТОТ И АПЛАУДИРА НА ДИНА ДУМА Освои престижна награда во Њујорк

Филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ ја донесе престижната Nora Ephron Award на Tribeca Festival, како признание за силниот авторски глас на македонската режисерка Дина Дума.

СВЕТОТ И АПЛАУДИРА НА ДИНА ДУМА Освои престижна награда во Њујорк
Фото: Принтскрин

Македонската режисерка Дина Дума ја освои престижната награда Nora Ephron Award на годинашното издание на Tribeca Festival во Њујорк за својот втор долгометражен филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, кој светската премиера ја имаше токму во рамките на фестивалот.

Станува збор за специјално признание што се доделува на исклучителни жени филмски авторки кои со својата работа го продолжуваат духот и визијата на легендарната американска сценаристка, режисерка и писателка Нора Ефрон. Со оваа награда, фестивалот Tribeca ја препозна Дина Дума како еден од највпечатливите женски авторски гласови на современата меѓународна филмска сцена.

Во образложението на жирито се наведува дека Нора Ефрон претставува пример за тоа како силен женски авторски глас може да отвора нови можности и да руши бариери во општество обликувано од патријархални вредности.

„Делото на Ефрон често го поставуваше прашањето како жените опстојуваат во непријателски свет. Нашата добитничка на оваа награда дава повеќеслоен и моќен одговор на тоа прашање“, истакна жирито.

Филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“, кој беше вклучен во главната натпреварувачка програма International Narrative Competition, е опишан како лирско и политички ангажирано остварување, исполнето со емпатија, автентичност, хумор и животна енергија. Според жирито, филмот им дава простор и глас на луѓето кои најчесто остануваат невидливи, прикажувајќи длабоко човечки приказни за солидарноста, припадноста и семејството.

Филмот е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, со Лабина Митевска како продуцентка, а сценариото го потпишуваат Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска. Главните улоги ги толкуваат Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула.

Станува збор за меѓународна копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, реализирана со поддршка на Агенцијата за филм на Северна Македонија, Eurimages, Creative Europe MEDIA и националните филмски фондови на земјите-копродуценти.

Покрај големото признание, наградата Nora Ephron Award носи и паричен фонд од 25.000 долари, наменет за поддршка на понатамошниот авторски развој и реализација на нови филмски проекти.

Ова признание дополнително го потврдува растечкото меѓународно присуство на Дина Дума и значењето на нејзиниот авторски пристап, кој отвора простор за важни и ретко слушнати приказни на светската филмска сцена.

ДЕВОЈКА ШТО СКЕЈТА ЈА МЕНУВА ИГРАТА – Македонски филм освојува светска сцена

CATEGORIES
Share This