ВЕЛЕС СТАНУВА СВЕТСКА СТРИП ПРЕСТОЛНИНА Пристигнуваат автори од целиот свет
Речиси 300 автори веќе ги испратија своите дела, а рокот за пријавување сè уште трае до 1 август.

Велес повторно се позиционира како еден од најзначајните центри на стрип-културата во регионот. Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес во март годинава го распиша традиционалниот меѓународен конкурс „Велес 2026 – Златен стрип“, кој веќе привлекува стотици автори од земјата и од странство.
Како дел од реномираниот Меѓународен стрип салон, конкурсот годинава бележи исклучително голем интерес, поттикнат и од засилената соработка со основните и средните училишта, приватните образовни институции и ликовните студија низ државата.
Според стручниот соработник на Стрип центарот, Томе Трајков, овогодинешното издание најдобро може да се опише со мотото „Светот црта – Велес изложува“.
„Велес е епицентар на македонскиот стрип и препознатлива точка на светската стрип-мапа. Нашата мисија е да им помогнеме на младите автори да го направат првиот чекор од првата нацртана линија до првата изложба“, вели Трајков.
Тој истакнува дека интересот на младите за деветтата уметност постојано расте, а голема заслуга за тоа имаат наставниците и професорите кои препознаваат колку стрипот може да биде значаен креативен и образовен медиум.
„Им овозможуваме на учениците од сите средини да се изразат на својот мајчин јазик. Стрипот им припаѓа на сите граѓани и е дел од нашата културна традиција веќе околу осум децении. Конкурсот е отворен до 1 август 2026 година и ги повикуваме сите заинтересирани автори да се пријават“, нагласува Трајков.
Стрипот сè уште надвор од образовниот систем
Иако интересот за стрипот расте, Трајков посочува дека Македонија сè уште заостанува зад некои земји од регионот кога станува збор за неговата институционална застапеност.
Во Хрватска стрипот се изучува факултативно во училиштата, додека во Бугарија веќе е дел од високото образование. Кај нас, пак, тој сè уште не е посебен наставен предмет, ниту во Средното училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“, ниту на Факултетот за ликовни уметности.
„И покрај тоа, младите таленти кои се образуваат во овие институции претставуваат јадро на современата македонска стрип-сцена. Тие успешно настапуваат на домашни и меѓународни конкурси и фестивали и покажуваат дека иднината на македонскиот стрип е светла“, вели Трајков.
Велес го чува стрип-наследството
Меѓународниот стрип салон во Велес одамна ја надмина рамката на обичен конкурс. Во тек се и подготовките за традиционалната меѓународна стрип-колонија, која годинава ќе биде посветена исклучиво на жени авторки.
Преку своите активности, Стрип центарот континуирано ја проширува меѓународната соработка и придонесува за афирмација на македонските автори на светската сцена.
„Овие проекти не се само културни настани. Тие ја создаваат и ја чуваат историјата на македонскиот стрип. Ги архивираме оригиналните дела на доајените, создаваме документација што останува за идните генерации и ги поврзуваме македонските автори со светските стрип-асоцијации. Стрипот е важен дел од нашиот културен и национален идентитет“, истакнува Трајков.
Стотици автори во трка за наградите
За угледот и влијанието на манифестацијата сведочат и бројките. На минатогодишниот конкурс учествувале рекордни 396 автори од целиот свет.
Годинава, иако рокот за пријавување трае до 1 август, веќе се регистрирани околу 300 автори од Македонија и од странство. Речиси две третини од пријавените се домашни автори, што претставува дополнителна потврда за растот и развојот на македонската стрип-заедница.
Пред стручното жири сега стои сериозен предизвик од стотиците пристигнати дела да ги избере најдобрите три што ќе ги понесат признанијата на „Златен стрип 2026“.


