СВЕТЛАНА МОЈСОВ ОДЛИКУВАНА СО ОРДЕН 8 СЕПТЕМВРИ Признание за научниот придонес што ја афирмира Македонија во светот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ѝ го врачи највисокото државно одликување на светски познатата научничка за нејзиниот фундаментален придонес во биохемијата и истражувањата на GLP-1

СВЕТЛАНА МОЈСОВ ОДЛИКУВАНА СО ОРДЕН 8 СЕПТЕМВРИ Признание за научниот придонес што ја афирмира Македонија во светот
Фото: Принтскрин

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска на свечена церемонија ја одликуваше светски реномираната научничка и истражувачка во областа на биохемијата, Светлана Мојсов, со Орден „8 Септември“.

Одликувањето ѝ е доделено за нејзиниот извонреден и фундаментален придонес кон светската наука, како и за афирмацијата на Македонија во меѓународните интелектуални и научни кругови.

Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова ја истакна повеќедецениската научноистражувачка работа на Мојсов, особено нејзиниот придонес во синтезата на пептиди и истражувањата поврзани со глукагонот и глукагон-сличниот пептид 1 (GLP-1). Овие истражувања денес имаат значајна улога во развојот на терапии за дијабетес и дебелина.

„Со ова највисоко државно одликување, Орденот „8 Септември“, ѝ оддаваме признание и благодарност за нејзиниот фундаментален придонес кон развојот на македонската наука во светски рамки, но и кон македонската афирмација во највисоките меѓународни интелектуални кругови“, истакна претседателката.

Сиљановска-Давкова нагласи дека Мојсов е родена во Скопје, каде што ги завршила основното и средното образование, а во 1971 година дипломирала физичка хемија на Природно-математичкиот факултет во Белград.

Во 1972 година се запишала на докторски студии на Рокфелеровиот универзитет во Њујорк, каде што работела под менторство на нобеловецот Брус Мерифилд. Докторирала во 1978 година, а нејзината работа била насочена кон синтезата на пептиди во цврста фаза, вклучително и синтезата на панкреасниот хормон глукагон.

Во 1983 година Мојсов се преселила во Бостон и започнала да работи во Одделението за ендокринологија на Општата болница во Масачусетс. Во соработка со Џоел Хабенер и Гордон Вир, учествувала во истражувањата поврзани со идентификацијата на глукагон-сличниот пептид 1 (GLP-1).

GLP-1 го стимулира создавањето инсулин и има значајна улога во регулирањето на метаболизмот на глукозата. Истражувањата во оваа област подоцна имаа големо влијание врз современиот третман на дијабетесот и дебелината.

Во 1990 година Мојсов се вратила на Рокфелеровиот универзитет, каде што била избрана за доцент, а од 2002 година е вонреден професор за истражување.

Нејзината научна работа е препознаена со бројни меѓународни признанија. Меѓу нив се наградата „VinFuture“ во 2023 година, изборот меѓу 10-те највлијателни научници на годината на списанието „Nature“, „Pearl Meister Greengard Prize“, вклучувањето во листата „TIME 100“, „Princess of Asturias Awards“, „Tang Prize“, „Lasker-DeBakey Clinical Medical Research Award“, „BBVA Foundation Frontiers of Knowledge Award“ и „Warren Triennial Prize“.

Мојсов е добитник и на Светската награда на хуманизмот во Охрид, а е и почесен професор на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје. Постојат и иницијативи за нејзино прогласување за почесен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и за почесен член на МАНУ.

Во текот на повеќедецениската научна кариера, Мојсов има остварено значаен придонес во областа на биохемијата и истражувањето на GLP-1, а нејзината работа е поврзана и со девет значајни патенти.

Светлана Мојсов е родена на 8 декември 1947 година во Скопје. Нејзината научна кариера, започната во Македонија, преку Белград и Њујорк, прерасна во меѓународно признат научен пат со значајно влијание врз современата медицина.

CATEGORIES
Share This