ВОЗНЕМИРУВАЧКА СЕРИЈА НАСИЛСТВО ВРЗ ДЕЦА Пет случаи на врсничко насилство, татко приведен за напад врз малолетната ќерка

Во еден од случаите девојче било држено и горено со цигара, додека во Скопје е приведен 45-годишен маж осомничен за физички напад врз својата малолетна ќерка.

ВОЗНЕМИРУВАЧКА СЕРИЈА НАСИЛСТВО ВРЗ ДЕЦА Пет случаи на врсничко насилство, татко приведен за напад врз малолетната ќерка
Фото: Принтскрин

Пет случаи на врсничко насилство се пријавени во Скопје, Тетово и Кавадарци во изминатите неколку дена. Меѓу нив има физички напади во училиште, напад врз девојка кој бил сниман и објавен на социјалните мрежи, како и особено вознемирувачки случај во кој малолетничка била горена со цигара. Во меѓувреме, полицијата привела и 45-годишен скопјанец осомничен дека физички ја нападнал својата малолетна ќерка.

Во Скопје се регистрирани три случаи на врсничко насилство. Во основно училиште во Радишани, малолетно момче било физички нападнато од неколку врсници во училишниот тоалет. Во населбата Бит-пазар, пак, малолетна девојка била нападната од неколку девојчиња, а инцидентот бил снимен и објавен на социјалните мрежи.

Во Тетово, 14-годишно момче било нападнато од пет малолетници на улицата „Страшо Пинџур“.

Особено вознемирувачки е случајот во Кавадарци, каде што две малолетнички нападнале девојче. Според пријавените информации, едната го држела девојчето, додека другата го горела со цигара. За овој случај биле известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи, а полицијата презема мерки за расчистување на инцидентите.

Покрај случаите на врсничко насилство, полицијата регистрирала и семејно насилство во скопската населба Бит-пазар. Четириесет и петгодишен маж од Скопје е лишен од слобода поради сомнение дека физички ја нападнал својата малолетна ќерка.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, настанот бил пријавен на 19 ноември 2026 година, во 00:05 часот. Полициски службеници од СВР Скопје, односно од Полициската станица Бит Пазар, го привеле С.И. (45). Засега не се соопштуваат дополнителни детали за околностите под кои се случил нападот, ниту за евентуалните повреди кај девојчето.

Надлежните служби преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.

„По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок“, информираат од Министерството за внатрешни работи.

CATEGORIES
Share This