ЕКСПРЕСЕН ПАТ РАДОВИШ-СТРУМИЦА-БУГАРИЈА Започнува постапката за изработка на документацијата
Проектот би се финансирал со сопствени средства на Јавното претпријатие за државни патишта.

Започната е постапката за избор на консултантска куќа која ќе ја изработи целокупната документација за изградба на експресен пат од Радовиш, преку Струмица и Ново Село, до границата со Република Бугарија.
Ова денеска го најави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, при посетата на општина Радовиш.
„Нашата идеја е да се изгради експресен пат кој ќе оди од Радовиш преку Струмица и Ново Село до границата со Бугарија. На тој начин ќе имаме уште едно автопатско или експресно поврзување со Република Бугарија, што ќе има големо значење“, изјави Николоски.
Во моментов тече постапката за избор на консултантска куќа која треба да ја подготви целокупната документација за проектот – од предпроектната документација, преку еколошки и социјални студии, до физибилити студија.
Рокот за доставување на понудите е 8 октомври, по што, според најавите на Николоски, се очекува да биде избрана консултантската куќа.
Студиите треба да завршат за шест до девет месеци
Министерот посочи дека целокупната подготовка на студиите треба да трае меѓу шест и девет месеци, по што ќе следи постапката за избор на изведувач и изградба на патот.
Проектот, како што нагласи, би се финансирал со сопствени средства на Јавното претпријатие за државни патишта.
„Ќе одиме со сопствени средства од Јавното претпријатие за државни патишта. ЈПДП е во добра кондиција, има добри приливи на средства и ќе можеме да го градиме овој проект“, рече Николоски.
Тој додаде дека, доколку постапките за избор на консултант и изведувач се одвиваат според планираното, очекува градежните активности да започнат до есента.
Николоски посебно нагласи дека проектот нема да заврши кај Струмица, туку е планирано трасата да продолжи до границата со Бугарија.
„Нема да одиме само до Струмица, туку ќе одиме до границата со Бугарија“, истакна вицепремиерот.

