СУВИ КОЛОВОЗИ И УМЕРЕН СООБРАЌАЈ – АМСМ со предупредување за одрони на повеќе делници
Сообраќајот се одвива непречено по суви коловози, а на граничните премини нема подолги задржувања. На повеќе патишта има времен режим поради градежни и санациски работи.

Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено и по суви коловози, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, додека на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ апелира до возачите да ја прилагодат брзината, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои можност од појава на одрони.
Особено внимание се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Галичица отворена за возила до 3,5 тона
Патниот правец Охрид – Ресен, преку Националниот парк Галичица, е отворен за сообраќај за сите видови возила со максимална дозволена маса до 3,5 тона.
Изменет режим на повеќе патишта
Поради градежни и санациски активности, на повеќе делници во земјава е воспоставен времен режим на сообраќај.
На граничниот премин Делчево, поради реконструкција, од 9 септември е воведен времен режим. Од АМСМ информираат дека преминот ќе функционира непрекинато и сообраќајот ќе се одвива нормално за време на градежните работи.
До 1 октомври е изменет режимот на сообраќај пред наплатната станица Преод, поради санација на косината на автопатот А4 на делницата Миладиновци – Свети Николе – Штип.
Времен режим има и при санацијата на мостот на реката Брегалница на патот Р1204 во Штип, како и на мостовите на државниот пат А2 на делницата Гостивар – Стража, каде се работи на вијадуктите на Атанасова река и на Дол.
Санациски работи се изведуваат и на мостовите на А2 над реката Вардар кај Желино, во двата правци – Скопје – Желино и Желино – Скопје.
На автопатот А1 „Пријателство“, на делницата Смоквица – Гевгелија, се изведуваат активности за поставување премин на интерконективен гасовод, поради што е воспоставен времен режим на сообраќај.
Ограничувања и девијации
На скопската обиколница А2, на делницата од клучката Волково до клучката Кондово, се врши рехабилитација во должина од околу 250 метри. Затворена е левата лента за претекнување, а сообраќајот се одвива по средната и десната лента.
Поради санација на свлечиште, времен режим е воспоставен и на регионалниот пат Р1202 Косоврасти – Мелнички Мост.
На патниот правец Прилеп – Битола, како дел од изградбата на Коридорот 10Д, сообраќајот се пренасочува по регионалниот пат во делот од клучката Лагово до Тополчани.
На патниот правец Кичево – Охрид (А2), поради градежни работи на повеќе делници, сообраќајот се одвива со девијации. АМСМ апелира на строго почитување на сообраќајната сигнализација и прилагодена брзина.
Режим на движење низ Јасен
За движење низ подрачјето Јасен, на релацијата Скопје – Македонски Брод и обратно, важат определени временски интервали.
Скопје – Македонски Брод:
- 07:30 – 09:00 часот
- 12:00 – 12:45 часот
- 16:00 – 18:00 часот
Македонски Брод – Скопје:
- 06:00 – 07:00 часот
- 10:30 – 11:00 часот
- 13:00 – 13:45 часот
- 18:30 – 20:00 часот
АМСМ ги повикува возачите да ја следат сообраќајната сигнализација и да ја прилагодат брзината според условите на патот.

