СТИГНУВА НОВАТА КОШНИЧКА Ќе открие колку навистина чини животот во Македонија

Новата просечна потрошувачка кошничка е усвоена од Економско-социјалниот совет, а нејзината примена се очекува да започне од септември по усогласувањето со Државниот завод за статистика.

СТИГНУВА НОВАТА КОШНИЧКА Ќе открие колку навистина чини животот во Македонија
Фото: Принтскрин

Просечната потрошувачка кошничка, која веќе е изработена и усвоена од Економско-социјалниот совет, во моментов е предмет на усогласување на податоците со Државниот завод за статистика. Доколку процесот заврши без пречки, нејзината примена треба да започне од септември, информираше заменик-министерот за економија Марјан Ристески.

По работниот состанок во Стопанската комора, Ристески посочи дека новиот модел нема да ја замени минималната потрошувачка кошничка што ја пресметуваат синдикатите, туку ќе има поинаква намена.

„Просечната потрошувачка кошничка не е пандан на минималната потрошувачка кошничка. Таа ќе служи како алатка за креирање на економските политики, подготовка на законски решенија и донесување мерки врз основа на обработени и релевантни статистички податоци“, изјави Ристески.

Според него, целта на новата кошничка е да обезбеди пореална слика за потрошувачките навики и потреби на граѓаните, што ќе им помогне на институциите при планирањето на идните економски политики.

CATEGORIES
Share This