ИСТОРИСКИ ЧЕКОР ЗА МАКЕДОНИЈА Влегува во европскиот гасен коридор што носи нови извори на енергија

Земјата добива можност за пристап до повеќе гасни правци и LNG, а интерконекторите со Грција и Србија стануваат дел од големата европска мрежа.

ИСТОРИСКИ ЧЕКОР ЗА МАКЕДОНИЈА Влегува во европскиот гасен коридор што носи нови извори на енергија
Фото: Принтскрин

Македонија обезбеди покана за приклучување кон Вертикалниот гасен коридор, една од најзначајните европски иницијативи за диверзификација на снабдувањето со природен гас и зајакнување на енергетската стабилност во Југоисточна, Централна и Источна Европа. Вклучувањето на земјата во оваа иницијатива е резултат на активностите што Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализираше во изминатиот период, предводени од министерката Сања Божиновска.

Во рамки на посетата на Вашингтон, Божиновска разговараше со високи претставници на американската администрација за значењето на регионалната енергетска поврзаност и потребата од обезбедување алтернативни извори на природен гас. Активностите продолжија и на Energy Transition Summit во Атина, каде што беа одржани средби со регионални министри за енергетика, по што започна процесот за вклучување на Македонија во проширувањето на Вертикалниот гасен коридор кон Западен Балкан.

Одлуката за приклучување беше потврдена на состанокот на операторите на гасните преносни системи во Атина, каде што беше договорено и вклучувањето на НОМАГАС во оваа регионална рамка за соработка. Досега во иницијативата учествуваат Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Украина, Словачка и Унгарија, а во процесот на приклучување се и Македонија и Србија.

Од Министерството оценуваат дека ова претставува важен чекор кон стратешката цел – Македонија да стане активен дел од европската енергетска мрежа, со посигурно, диверзифицирано и поконкурентно снабдување со природен гас. Вертикалниот гасен коридор не претставува изградба на еден нов гасовод, туку поврзување на постојната европска инфраструктура – национални гасоводи, интерконектори и терминали – со цел природниот гас да може да се транспортира по повеќе правци, од југ кон северот на Европа.

Оваа иницијатива е директно поврзана со капиталните енергетски проекти на Македонија, меѓу кои е интерконекторот со Грција, кој треба да биде пуштен во употреба во 2027 година, како и планираниот интерконектор со Србија. Со нивната реализација, Македонија ќе добие пристап до повеќе извори на природен гас, вклучително и до течен природен гас (LNG), што значително ќе ја зголеми енергетската сигурност на земјата.

„Со приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор, инфраструктурните проекти со Грција и Србија добиваат поголемо стратешко значење. Тие повеќе не се само национални инвестиции, туку дел од поширока европска транспортна мрежа која ќе овозможи поголема сигурност, флексибилност и подобро искористување на капацитетите“, изјави министерката Божиновска.

Во услови на промени во европската енергетска архитектура и напори за намалување на зависноста од ограничени снабдувачки правци, приклучувањето кон оваа иницијатива ја позиционира Македонија како дел од новата енергетска карта на Европа. Дополнително значење има и интересот на енергетските компании за користење на транспортните капацитети, што покажува дека Вертикалниот гасен коридор се препознава како една од идните клучни рути за снабдување со природен гас во регионот.

Формалното приклучување кон иницијативата се очекува во септември во Солун, кога треба да биде потпишана декларацијата за пристапување кон рамката за соработка на Вертикалниот гасен коридор. Со овој чекор Македонија ја зајакнува сопствената енергетска безбедност и создава услови да стане значаен дел од регионалната инфраструктура за посигурно и поотпорно снабдување со природен гас.

CATEGORIES
Share This