САМО ШТО ПОСКАПЕА ГОРИВАТА, СТИНА НАЈАВАТА ОД ВЛАДАТА Од понеделник нова промена

Мицкоски најави дека анализите на берзанските цени се при крај и дека од понеделник може да следува ново намалување на акцизите за бензинот и дизелот.

САМО ШТО ПОСКАПЕА ГОРИВАТА, СТИНА НАЈАВАТА ОД ВЛАДАТА Од понеделник нова промена
Фото: Принтскрин

Владата најавува нова интервенција со цел да се спречи нов ценовен удар врз граѓаните, откако од вчера повторно поскапеа горивата, дизелот за 5,5 денари, а бензините за 1,5 денар по литар. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека се исполнети условите од понеделник повторно да се намалат акцизите за безоловниот бензин и дизелот. Одлуката, како што посочи, ќе биде донесена по детална анализа на движењето на светските берзански цени на нафтата во првата половина од месецот.

„Сето тоа го антиципираме. Кризната состојба е до 20 јули. Мислам дека веќе се исполнети условите од понеделник повторно да имаме намалување на акцизите за безоловниот бензин и дизелот“, рече Мицкоски.

Според него, Владата внимателно ги следи глобалните случувања, особено новите тензии на Блискиот Исток и ризиците поврзани со Хормускиот Теснец, кои создаваат дополнителен притисок врз цените на суровата нафта. Мицкоски нагласи дека Македонија и понатаму има едни од најниските цени на горивата во регионот, иако суровината се набавува од истите меѓународни пазари како и останатите европски држави.

„Немаме сопствени извори на нафта, купуваме од истите берзи како Германија. Прашањето е зошто таму горивата се двојно поскапи, зошто во Албанија се околу 70 проценти поскапи, во Грција речиси двојно, а во Србија околу 50 проценти поскапи. Тоа се политиките на оваа Влада во насока на подобар животен стандард за граѓаните“, изјави премиерот.

Од Владата потврдија дека по анализата на пазарните движења ќе следува одлука за ново намалување на акцизите, со што би требало да се ублажи влијанието од растот на берзанските цени.

Ова би била нова интервенција на Владата на пазарот на горива, откако во март, по ескалацијата на состојбата на Блискиот Исток и растот на цените на нафтата, државата ги намали акцизите за дизелот за 4 денари, а за бензинот за 2 денари по литар. Дополнително, ДДВ-то за горивата беше намален од 18 на 10 проценти како антикризна мерка.

Со новото намалување, Владата повторно се обидува да го ограничи преносот на глобалните ценовни шокови врз домашниот пазар, но интервенцијата доаѓа во период кога неодамна беше усвоен и ребалансот на буџетот.

CATEGORIES
Share This