СТЕФАН ДАВИДОВСКИ СО НОВА ПЕСНА „Ќе станам пак“ – порака за надеж, сила и нов почеток
Младата македонска музичка сцена е збогатена со нова авторска песна која носи универзална порака за истрајноста, вербата во себе и храброста повторно да се продолжи напред.

Стефан Давидовски ја објави својата нова песна „Ќе станам пак“, македонска балада која преку едноставна, но силна порака зборува за новите почетоци, личните предизвици и вербата дека секогаш постои можност повторно да се стане и да се продолжи понатаму.
Давидовски е автор на текстот, со придонес на Новица Коцев, додека музиката, аранжманот и продукцијата ги потпишува Мартин Данчев. Мастерингот е дело на Дарко Димитров.
Песната започнува интимно, со пијано и вокал, а потоа постепено се развива во побогата и подинамична звучна целина. Особено впечатлив момент е завршницата во која се вклучува Детскиот хор при ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“ од Скопје, под подготовка и диригентство на Вера Ангеловска.
„Ќе станам пак“ намерно не раскажува само една конкретна приказна. Нејзината порака остава простор секој слушател да ја доживее на свој начин – како нов почеток, нова цел, надминување на тежок период или едноставно како потсетување дека треба да продолжи напред.
„Најубавото за мене кај ‘Ќе станам пак’ е што секој може да ѝ даде свое значење. За некого тоа е нов почеток, за друг нова цел или едноставно потсетување да продолжи напред. Сакав песната да носи надеж и секој да може да ја пронајде својата приказна во неа“, вели Давидовски.
Посебно место во песната има детскиот хор, чии гласови ѝ даваат дополнителна емоција на завршницата.
„Детскиот хор е еден од моите омилени моменти во песната. Детските гласови во финалето ѝ дадоа посебна чистота и надеж и токму тоа сакавме да остане како чувство на крајот“, додава Давидовски.
Минималистички видеоспот со симболична порака
Песната е проследена и со официјален видеоспот кој ја продолжува нејзината порака преку минималистички и симболичен визуелен пристап.
Белите платна, ракописот, индустрискиот простор и светлината создаваат визуелен свет кој не ја прераскажува буквално песната, туку ја надополнува нејзината атмосфера и идеја.
Концептот и режијата се на Just Alex, додека камерата и видеомонтажата се дело на Ангел Павловски.
Со „Ќе станам пак“, Стефан Давидовски отвора ново музичко поглавје, насочено кон авторска музика и градење сопствен препознатлив музички и изведувачки израз.
Песната е достапна на YouTube и на музичките стриминг платформи.
Погледнете го официјалниот видеоспот:

